Фејсбук воведе нова „библиотека“ на емотикони со звучни ефекти кон својата апликација за допишување Messenger.
Новите емотикони, соодветно именувани „Soundmojis“, ќе им овозможуваат на примателите на пораки да преслушуваат звучен ефект по кликањето на примениот емотикон.
На пример, емотиконот „виолина“ сега е достапен и во звучна верзија која „свири“ меланхолична мелодија кога ќе биде кликнат. Слично е и со други емотикони како „ракоплескање“, „смеење“, „штурци“ итн.
Новите звучни емотикони се достапни по кликањето на иконата „смајли“ за емотикони, па потоа со кликањето на иконата „звучник“ најдесно. Корисниците ќе можат да ги преслушуваат звучните емотикони пред да ги испратат.
Фејсбук кон оваа „библиотека“ ќе додава и аудио-клипови од медиски производи како познати реплики од филмови и серии. Од компанијата посочуваат дека оваа „библиотека“ ќе биде постојано надополнувана и ажурирана со нови звуци.