На конференцијата F8, Марк Цукерберг претстави неколку новитети која оваа социјална мрежа наскоро ќе ги воведе
Фејсбук конференција F8 оваа година се одвива помалку во сенка на скандалот на личните податоци кои беа неовластено искористени од страна на аналитичарите на Кембриџ Аналитика, во период кога за Фејсбук најмногу се зборува како за голем потенцијален ризик за понатамошно протекување на податоци. Исто така, оваа недела беше објавено дека од компанијата заминува Јан Коум, коосновач на WhatsApp и тоа поради конфликтот токму во врска со приватноста на корисниците.
Со цел да се оддалечи малку од овие теми, Марк Цукерберг отворањето на конференцијата F8 го посвети на некои од новите технологии и услуги што неговата компанија планира наскоро да ги пушти во јавност.
Најинтересна од најавените услуги е услугата Facebook Dating со која оваа социјална мрежа сака да му конкурира на Tinder и сличните апликации за барање партнери. Оваа функција ќе биде вградена во мобилната апликација на Фејсбук, но нема да биде вклучена “по дифолт“, туку секој кој сака, ќе може да ја активира. Цукерберг најави дека оваа опција нема да ги поврзува луѓето со постојните пријатели, туку со оние кои се надвор од тој круг и дека нејзината намена не е пронаоѓање “партнер за една ноќ”, туку воспоставување “вистински врски”.
Dating профилот на Фејсбук ќе биде одвоен од обичниот, ќе можат да го видат само оние кои имаат сличен или компатибилен профил, а комуникацијата помеѓу луѓето коие се заинтересирани едни за други ќе се одвива текстуално, а не по пат на Messenger. Dating услугата на Фејсбук треба да стигне наскоро.
Меѓу другите новини на отворањето на конференцијата F8 најавена е можноста за “чистење на историјата” на Фејсбук – нешто како бришење на “cookie” во прелистувачот. Бришењето на сè што Фејсбук знае за нас може да помогне во заштитата на приватноста и ублажување на тензиите кои се присутни во изминатиов период.
Постои и најава за видео повици на Инстаграм, автоматски преводи на четови во Messenger и нови функции за поставување и гледање VR и 3D содржини во News Feed. Исто така, Цукерберг најави дека Oculus Go, нивниот поефтин VR сет, сега може да се купи по акциска цена од 199 долари.