Социјалната мрежа Фејсбук соопшти дека ги заострува своите политики во однос на говорот на омраза и дезинформациите во услови на растечкиот бојкот на платформата од страна на светските брендови.
Имено, во изминатите две-три недели, повеќе брендови соопштија дека го прекинуваат своето огласување на Фејсбук, а некои ја проширија ваквата одлука и на сите останати социјални мрежи. Меѓу компаниите кои нема да се огласуваат на Фејсбук најмалку во следните 30 дена се и имиња како Coca-Cola, Unilever, Verizon, Starbucks, Viber, The North End и други. Како резултат на сето ова, акциите на Фејсбук на крајот од минатата недела паднаа за 8.3%, со што вредноста на компанијата се намали за 56 милијарди долари. Иницијативата за бојкот се појави откако Фејсбук одби да цензурира објави на американскиот претседател Доналд Трамп.
Но, после подолго време отпор, генералниот извршен директор на Фејсбук, Марк Зукерберг, викендов соопшти дека платформата ќе ги заостри своите правила за огласување во пресрет на американските претседателски избори во ноември.
Како дел од новите рестрикции, Фејсбук ќе ги забранува рекламите кои сугерираат дека имигрантите, бегалците или барателите на азил се „инфериорни“ или пак изразуваат презир кон нив. Платформата исто така ќе започне да ги означува сите содржини кои ги нарушуваат нејзините правила, без разлика дали тие може да се окарактеризираат како вести од јавен интерес (постови на политичари како пример). Фејсбук ќе ги забранува и сите објави кои што содржат лажни тврдења и информации, а со тоа го обесхрабруваат гласањето на избори.
Новите правила ќе се имплементираат на глобално ниво.
„Генерално, политиките што ги имплементираме денес се дизајнирани да одговорат на реалноста на предизвиците со кои се соочува нашата држва и како тие се манифестираат во нашата заедница. Јас сум посветен да осигурам дека Фејсбук ќе остане место каде луѓето ќе можат да го користат својот глас за да дискутираат важни прашања, бидејќи верувам дека може да оствариме поголем прогрес кога се слушаме едни со други. Но, јас исто така цврсто стојам против омразата и сé она што поттикнува насилство или го потиснува гласањето и ние сме посветени да го отстраниме сето тоа без разлика од каде доаѓа,“ истакна генералниот извршен директор на Фејсбук, Марк Зукерберг.