“LOL” во моментов е во фаза на бета тестирање, па сеуште не е јасно дали ќе биде само додаток на основната апликација на Фејсбук или ќе прерасне во посебна апликација
Фејсбук со години има проблем што не може да го реши – корисниците на оваа социјална мрежа се сè постари, а младите го игнорираат и бираат некои други социјални мрежи.
Досега Фејсбук се обиде да го реши овој проблем преку IGTV, Watch и Lasso, но ништо не постигна голем успех.
Сепак, не се откажуваат од својата идеја. Најновите информации откриваат дека Фејсбук работи на LOL, посебен додаток кој ќе прикажува забавни видеа, GIF-ови и мемиња.
За самиот LOL не се знае многу, освен дека е насочен кон тинејџери и дека во моментов го тестираат околу 100 бета тестери.
Фејсбук потврди дека работи на LOL, но дека се уште нема никакви планови кога оваа функција може да се појави во широка употреба. Тие, исто така, истакнаа дека сè уште не е јасно дали LOL ќе биде додаток на основната апликација или посебна апликација.
Засега е само познато дека бета верзијата на LOL има неколку делови. Корисниците најпрво треба да го видат “Dailies”, дел посветен на најновите мемиња. Потоа следи секцијата “For you”, која треба да прикажува видеа, GIF-ови и мемиња собирани според личните преференции на корисниците. Корисниците треба да имаат способност за филтрирање на содржини преку неколку однапред дефинирани теми како што се “игри”, “познати”, “класици”, “училиште” и слично.
Се чини дека Фејсбук ја “позајми” идејата за прелистување на содржини од Инстаграм. Имено, според тековните информации, содржината во LOL би била поделена на помали делови или пократки видеа кои корисниците би можеле брзо да ги прегледуваат.
Дали LOL ќе му помогне на Фејсбук повторно да стане популарен меѓу помладите корисници, премногу е рано да се каже. Но, самиот факт што тие се свесни дека треба да привлечат нови корисници, покажува дека нешто мора да се промени.