Технолошкиот гигант Facebook официјално го промени своето корпоративно име во Meta.
Промената беше јавно соопштена од основачот Марк Зукерберг за време на компаниската конференција за виртуелна реалност, потврдувајќи ги шпекулациите кои кружеа во последните две недели.
„Денес на нас гледаат како на компанија за социјални медиуми, но во нашата ДНК ние сме компанија која гради технологија која поврзува луѓе, а метаверзумот ќе биде следната пионерска работа како што беше социјалното вмрежување кога ние започнаве,“ изјави Зукерберг.
Ребрендирањето значи дека само матичната компанија ќе го носи новото име Meta, додека пак социјалните платформи Facebook, Instagram и WhatsApp ќе го задржат својот бренд идентитет.
Несомнено, Meta ќе насочи голем дел од својата енергија кон развојот на изменетата и виртуелната реалност во годините што ќе следуваат.
„Наша надеж е дека во следната деценија, метаверзумот ќе достигне милијарда луѓе, ќе биде место на милијарди долари дигитална трговија и ќе ја поддржува работата на милиони креатори и девелопери“, објасни Зукерберг.
Се очекува дека компанијата во следната година ќе вложи 10 милијарди долари во развојот на технологијата за нивниот најавен „метаверзум“.
„Ние веруваме дека метаверзумот ќе биде наследникот на мобилниот интернет“ – заклучи Зукербрг.