Иако мобилната телефонија зема огромен замав насекаде низ светот, традиционалните начини на истражување сеуште зафаќаат значителен дел од вкупните истражувања.
Во таа насока, групацијата Ипсос идентификуваше 4 глобални општи митови за мобилните истражувања во кои просечниот истражувач најчесто верува:
- Мобилните истражувања никогаш не треба да бидат подолги од 5-7 минути.
- Мобилните испитаници не се однесуваат исто како и општата популација.
- Мобилните испитаници често се во движење и одговараат на анкетата надвор од дома; не држат внимание или имаат поделено внимание.
- Мобилните истражувања нудат податоци со понизок квалитет.
За да ги разбие овие митови, Ипсос спроведе тристепена програма што ги истражува самите истражувања (Research-on-Research), со фокус на мобилни истражувања спроведени на најголемите пазари во светот, во период од 18 месеци. Што покажа оваа студија на ИПСОС, за секој од овие 4 митови:
- Мобилните истражувања никогаш не треба да бидат подолги од 5-7 минути.
Истражувањето на спроведените истражувања покажува дека, на глобално ниво, мобилните истражувањата слободно можат да бидат долги до 15 минути, без да имаат било какво влијание врз стапката на одбивање или на квалитетот на податоците.
Факт: стапките на откажување кај испитаниците остануваат на истото ниско ниво без оглед на различните должини на интервјуто.
- Повеќето испитаници се откажуваат уште пред да стигнат до главниот дел од прашалникот (т.е. додека се на воведната страница или за време на регрутниот процес)
- Очекувано, откажувањето во текот на самата анкета се зголемува со зголемувањето на времето за пополнување на истата. Но, дури и за должини од 15 или пак 20 минути, стапката на откажување или одбивање не бележи значајна разлика и може да се менаџира за различни теми на истражување.
Се разбира, ова важи само ако знаете како соодветно да ги ангажирате мобилните испитаници.
2. Мобилните испитаници не се однесуваат исто како и општата популација.
Истражувањето покажа дека, без разлика каков уред се користи, нема значајни разлики во одговорите и ставовите, ниту во шаблоните на однесување на испитаниците, кои што би требало да се земат во предвид или би налагале да се примени различен пристап за изготвување на примероци. Користениот уред нема никакво влијание на резултатите (т.е. не води кон различни наоди), на што јасно укажуваат споредбите направени кај многу Ипсос истражувања за тестирање на концепти.
Ова беше очекувано бидејќи мобилните телефони се навистина толку многу распространети и прифатени што прави простор за сигурна претпоставка дека луѓето што се обидуваат да пристапат до анкета на мобилни телефони се на еден начин „нормализирани“, но сепак потребни беа вистински податоци за да го поддржиме ова тврдење.
Речиси сите разлики што ги пронајде Ипсос во однос на ставовите, однесувањето или начинот на одговарање (на компјутер наспроти таблет или паметен телефон) едноставно ги рефлектираат разликите на пазарот карактеристични за самата преваленција и употреба на паметните телефони.
За оваа цел, Ипсос профилираше мобилни испитаници во Франција, САД, Велика Британија и Бразил, користејќи соодветни репери за мерење на разликите помеѓу овие групи. Мобилните испитаници во развиените земји и земјите во развој не се фундаментално различни од испитаниците кои одговараат на компјутер, ниту во ставовите ниту во однесувањата, ниту во тоа како го поминуваат своето време на интернет.
Сепак, во помалку развиените пазари одредени демографски групи почесто имаат пристап до паметни телефони, наспроти мнозинството. Сè додека паметните телефони не пенетрираат и кај најниските економски слоеви во рамките на сите региони, препорачливо е да го предупредиме клиентот дека собраните податоци се репрезентативни за популацијата која поседува паметен телефон, но не и за вкупната популација. Со време, ова ќе се промени но, дотогаш, претпазливоста и ваквото етикетирање на примерокот се неминовни заради гаранција на квалитет на податоците и можни отклонувања.
3. Мобилните испитаници често се во движење и одговараат на анкетата надвор од дома; не држат внимание или имаат поделено внимание.
Всушност, има сè повеќе смартфон-испитаници што пополнуваат анкети надвор од традиционалните локации (на пр., дома или на работа), но повеќето од нив (околу 80%, во просек) се уште одговараат на прашањата во рамките на овие традиционални локации.
Значајно е да се спомне дека, без разлика на уредот на кој одговараат, испитаниците подеднакво се стремат кон паралелни процеси – речиси 50% велат дека прават нешто друго додека одговараат на тековното истражување! Значи, дистракцијата постои, но не зависи од уредот на кој испитаниците одговараат.
Заклучок: она на што најмногу треба да внимаваме и треба да не загрижи е процентот на испитаници кои прават паралелни активности и со тоа се подложни на дистракции, без разлика на тоа на кој начин одговараат.
4. Мобилните испитаници и истражувања нудат податоци со понизок квалитет.
Нашето истражување покажа дека мобилните испитаници поретко влегуваат во категоријата „потенцијално исклучени”. Имено, кај нив бележиме помала веројатност дека ќе „истрчаат“ низ истражувањето или пак дека ќе ни дадат исто позиционирани одговори на сите прашања. Ваквото однесување се сведува на минимум за сите земји во фокус, дури и за 20-минутни прашалници, а процентите за „исклученост“ се помали од они што се забележани кај останатите испитаници.
Исто така, кај мобилните испитаници помала е и веројатноста да ни дадат сомнителни или неупотребливи отворени одговори, наспроти испитаниците што користат компјутер или таблет. Додека, пак, одговорите „Не знам“ бележат ист процент кај прашалници од 5 до 15 минути, но и мало зголемување за времетраење од 20 мин.
Веруваме дека причините поради кои мобилните испитаници имаат помала веројатност да се „исклучат“ од истражувањето се во корелација со тоа што Ипсос користи анкетен дизајн што е дизајниран специјално за мобилната телефонија (mobile-first) како и нови формати за прашалници кои се полесни за одговарање и визуелно попривлечни. И, секако, не смееме да го потцениме фактот дека испитаниците во рацете го имаат уредот што е нивен прв избор.
За повеќе информации, или за разбивање на други митови, слободно можете да ни се обратете во локалната канцеларија на Ипсос. Секогаш сме љубопитни и спремни детално да истражиме и да ви одговориме на вашите прашања. 😊