Најпрестижниот фестивал на креативна индустрија во Бугарија – ФАРА, оваа година го одбележа своето 25-то издание со тридневна програма од 5 до 7 јуни во Меѓународниот конгресен центар во Бургас. Под мотото „Се раѓаат ѕвезди“, фестивалот уште еднаш покажа зошто е централно место за размена на идеи, инспирација и професионално вмрежување меѓу комуникациски агенции, медиуми и огласувачи на бугарскиот пазар.
Организиран од Бугарската асоцијација на комуникациски агенции (БАКА), фестивалот ФАРА нуди можност за дискусии на бугарски и странски експерти, претставување на најиновативните кампањи и мотивирање на новите генерации во индустријата.
Врз основа на пријавените проекти во натпреварувачкиот дел на фестивалот, членовите на експертското жири заклучија дека просечното ниво на огласувачките кампањи во Бугарија е издигнато на повисоко ниво, без исклучителни и силно издвоени проекти, што е добар сигнал за севкупниот развој на пазарот.
Притоа, агенцијата Human веќе втора година по ред ја понесе титулата за „Креативна агенција на годината“, додека пак All Channels Group беше прогласена за „Медиумска агенција на годината“. Наградата за „Огласувач на годината“ ја доби Високиот комесаријат за бегалци на ОН во Бугарија.
Целосната листа на наградени проекти е достапна на следниот ЛИНК.