Адвертајзинг агенцијата Wunderman Thompson и нивниот тајвански технолошки клиент TG3D Studios ги здружија силите за да направат персонализиран пар фармерки, специјално дизајниран за античката египетска кралица Клеопатра.
Логичното прашање кое следи е како всушност тие ги знаат мерките на личност која умрела пред 2000 години, за потоа да ѝ скројат фармерки? Епа, на проектот му претходела детална историска и археолошка работа, вклучувајќи го собирање на мерки од стотици коптски египетски жени кои наликуваат на античката кралица, архивски информации и генетски податоци – со цел да се добие приближна идеја за телесните мерки на една од најпознатите жени во историјата.
Фармерките беа претставени во модниот музеј Fashion for Good Museum во Амстердам, а нивната цел е да ја подигне јавната свест за текстилниот отпад кој го произведува модната индустрија.
Имено, според Економската комисија за Европа на Обединетите Нации, модната индустрија има удел од 10% во вкупните јаглеродни емисии на светот. Дополнително, 85% од текстилот кој се употребува годишно, или 21 милијарди тони – завршува на отпад.
Преку претставувањето на новата иновативна технологија за тродимензионално скенирање и моделирање, парот фармерки на Клеопатра демонстрира иднина во која луѓето ќе можат да купуваат фармерки скроени баш за нив, елиминирајќи го текстилниот отпад кој се создава како резултат на отфрлањето на облеката која останува непродадена поради несоодвена големина.