Приклучувајќи се на Инстаграм во неговата трка со ТикТок, Фејсбук започнува целосен редизајн на корисничкиот интерфејс во нешто што Марк Зукерберг го нарекува „мотор за откривање“. Со овој редизајн, платформата сака да ги акцентира содржините, главно видеа, за кои смета дека корисниците би биле најзаинтересирани.
Во суштина, Фејсбук се одалечува од традиционалната слика за социјално вмрежување во дигиталниот простор, а се приближува кон концептот на „откривање забавни содржини“ – слично на ТикТок. Од компанијата посочуваат дека новиот интерфејс „ќе им олесни на корисниците да контролираат кои содржини ги гледаат и откриваат во Фејсбук“. Притоа, најновите објави од пријатели и членови на семејството ќе бидат сместени во посебна секција.
Имено, корисничкиот интерфејс на Фејсбук сега ќе биде поделен во две главни „јазичиња“ т.е. секции. Првата секција, насловена “Home”, ќе прикажува Фејсбук видеа, Инстаграм видеа и кратки Фејсбук „приказни“ и тоа според личните преференци на корисникот, сугерирано од алгоритмот.
Втората секција, насловена “Feeds”, ја задржува идејата за Фејсбук со која повеќето од нас се запознати, прикажувајќи ги новите објави од пријатели, страници и групи, по хронолошки редослед.
Корисниците исто така ќе можат да создадат листа на „Favorites“ („Омилени“), каде што ќе ги гледаат содржините од контакти и канали кои најмногу ги интересираат.
Притоа, мора да се истакне дека и двете главни секции ќе содржат реклами.
Новата верзија на Фејсбук веќе започна да се имплементира кај некои мобилни уреди уште од вчерашниот ден, додека пак целосната глобална транзиција на мобилната верзија се очекува да се комплетира во претстојните неколку недели. Новата десктоп верзија ќе следува подоцна годинава.