Фејсбук им нуди неколку милиони долари на креаторите на вести за да добие право да ја користи нивната содржина во секцијата за вести, а оваа услуга би требало да започне кон крајот на оваа година, пишува Волстрит журнал.
Фејсбук е подготвен да им плати и до три милиони долари годишно на креаторите на вести за лиценца за целосни стории, наслови и текстови. Меѓу изворите на вести со кои компанијата сака да соработува се ABC News, Wall Street Journal, The Washington Post и Bloomberg.
Плановите на Фејсбук беа обелоденети во момент кога компанијата се соочува со зголемени критики за нејзината улога во борбата во медиумската индустрија да собере што е можно поголем приход од рекламирање. „Фејсбук“ и “Гугл“ заработија 60% од сите приходи од дигиталното рекламирање во САД минатата година, наведува eMarketer.
Како што се наведува, договорот за лиценца за вестите меѓу Фејсбук и медиумите ќе трае три години. Фејсбук планира да започне секција вести во текот на оваа есен, но не е јасно дали некои медиуми веќе официјално се согласиле да ги лиценцираат своите содржини за Фејсбук.
Фејсбук посочи дека ќе ги остави медиумите да одлучат за тоа како нивната содржина ќе се појавува во секцијата за вести. На медиумите ќе им се овозможи да изберат дали да ги објавуваат своите стории директно на Фејсбук или ќе објавуваат само наслови или делови од стории, а потоа ќе ги пренасочуваат корисниците на нивните веб-страници. Во тој случај, делот за вести ќе биде генератор на веб сообраќај за креаторите на вести, со извор на приходи од лиценцирање.