Компанијата Фејсбук ги откри плановите за лансирање на сопствена дигитална валута наречена Либра, која ќе се појави наредната година
Луѓето ќе можат да плаќаат со дигиталната валута преку сопствена апликација, Facebook Messenger, како и апликацијата WhatsApp.
Новата крипто-валута е поддржана од невладината организација Libra Association, која вклучува голем број на корпорации и големи инвеститори. Меѓу нив се забележуваат имињата на Mastercard, Visa, PayPal, Stripe, eBay, Uber, Lyft, Spotify, Coinbase, Xapo, Andreessen Horowitz, Union Square Ventures, Mercy Corps и Women’s World Banking. Секоја од нив може да донесува одлуки за виртуелната валута на Facebook.
Сепак, постои загриженост за тоа како парите и податоците на корисниците ќе бидат заштитени, како и поради потенцијалните флуктуации на валутата.
Од Фејсбук велат дека Либра ќе биде независна валута и ќе биде поддржана од вистински средства, а плаќањето ќе биде едноставно и лесно како пишување пораки.
Компанијата го најави и лансирањето на дигитален паричник Calibra кој би требало да служи за обезбедување на криптовалутата Либра.
Кога корисникот сака да испрати либра на други корисници, тој ќе може брзо да го стори тоа како да испраќа порака. Сите трансакции ќе чинат многу малку или ќе бидат потполно бесплатни, а се очекува Фејсбук да добива мала провизија од плаќањето.