Со цел да ја подобри својата транспарентност и да се спротивстави на обвинувањата дека приоретизира дезинформации и подгревање на политичките односи, социјалната мрежа Фејсбук започнува со објавување на квартален извештај за „Широко прегледувани содржини“.
Извештајот ќе ги открива најпрегледуваните објави, односно објавите со најголем досег на територијата на САД во изминатите три месеци.
„Со текот на времето, извештајот ќе нуди повеќе детали за најпрегледуваните содржини кои луѓето ги гледаат на Фејсбук. Тој започнува со листи на топ 20 најпрегедувани домејни, линкови, страници и постови во News Feed во изминатиот квартал, а ги исклучува рекламите, но ги вклучува предложените содржини на Фејсбук во рамки на секции на News Feed како што е “Suggested For You”“ – објаснуваат од компанијата.
Од Фејсбук исто така акцентираат дека извештајот не се однесува на објавите кои предизвикале најмногу интеракции како лајкови и коментари, туку на оние кои имале најголем досег до публиката: „содржините кои се видени од најмногу луѓе не значи дека се истите оние кои добиле најмногу интеракции“.
Во однос на обвинувањата за „политичко потпалување“, Фејсбук посочува дека врз основа на нивните анализи, политичките содржини претставуваат само 6% од сето она што корисниците го гледаат на Фејсбук, вклучувајќи постови од пријатели или од страници.
Првиот извештај за најпрегледуваните содржини на Фејсбук, за време на вториот квартал на 2021, можете да го погледнете на следниот линк.