Иако Фејсбук ја отстрани проблематичната содржина, оваа социјална мрежа нема да преземе други мерки против групите кои шират говор на омраза упатени до новата потпретседателка на САД.
Социјалната мрежа Фејсбук отстрани низа расистички и мизогинистички објави, мемиња и коментари за новоизбраната потпретседателка на САД, Камала Харис, пишува Би-Би-Си, а таквата реакција следеше откако социјалната мрежа доби предупредување од Би-Би-Си Њуз за три групи кои шират говор на омраза, а кои наводно, веќе биле опишани како страници што пропагираат расизам и мизогинија.
На страниците, меѓу другото, се шири содржината дека Харис не е американски државјанин затоа што нејзината мајка е од Индија, а нејзиниот татко е од Јамајка, како и коментари во кои се сугерира дека Харис не е „доволно црна“ за демократите. Би-Би-Си пишува дека во некои соопштенија пишувало дека Харис треба да биде депортирана во Индија, додека во неколку мемиња нејзиното име било исмејувано.
Иако Фејсбук објави дека 90 проценти од содржината на говорот на омраза се отстранува уште пред да бидат обележани ваквите објави, Би-Би-Си пишува дека социјалната мрежа нема да преземе други мерки против овие групи кои редовно шират говор на омраза во нивната содржина. Според Би-Би-Си, споменатите страници на Фејсбук имаат голем број членови, а се наведува дека една од нив има четири илјади членови.
Оваа година, поради наводни пропусти во спречувањето на ширење говор на омраза на Фејсбук, повеќе од 150 компании ги повлекоа своите реклами од оваа социјална мрежа, а според пишувањето на Гардијан, Фејсбук тогаш се соочил со најголемиот бојкот досега од страна на огласувачите.
Со цел да се спречи ширењето на говорот на омраза на Фејсбук, социјалната мрежа го забрани негирањето на холокаустот во октомври оваа година. Тогаш беше наведено дека Фејсбук ја смени својата политика за ширење дезинформации и говор на омраза. И покрај ова, Би-Би-Си пишува дека се забележани пропусти во работата на алатките за модерирање на Фејсбук каде се шири расизам и говор на омраза.
Минатата недела, критики до Фејсбук упати и еден од советниците на новиот претседател на САД, Џо Бајден, поради наводно повикување на насилство, како и за ширење дезинформации и теории на заговор на оваа социјална мрежа веднаш после претседателските избори во САД.