Фејсбук се откажа од прикажувањето на реклами во WhatsApp и ќе се фокусира на развој на опција која ќе им овозможи на компаниите квалитетна комуникација со корисниците.
WhatsApp на почетокот имаше малку измешан бизнис модел. Компанијата првично им наплаќаше на корисниците годишна претплата, но подоцна ја откажа и оттогаш апликацијата беше бесплатна за користење. Кога Фејсбук го купи WhatsApp, немаше сомневање дека компанијата планира да заработи на апликацијата, но како точно ќе го стори тоа?
Минатата година, WhatsApp потврди дека ќе вметне реклами во опцијата статус, слично на делот за Instagram Story, но сега според извештајот на Вол Стрит Журнал, Фејсбук се откажува од тие планови. Во извештајот се тврди дека заложбата на Фејсбук да заработи за WhatsApp била причина што основачите на апликацијата поднеле оставка и ја напуштиле компанијата.
Во извештајот понатаму се наведува дека Фејсбук исто така формирал тим за да разгледува начини за заработка на апликацијата, но тој тим е распуштен, а сработеното досега е избришано од кодот на WhatsApp.
Ова значи дека Фејсбук, барем засега, нема да воведува реклами на WhatsApp, но со толку голема активна корисничка база, сигурно е дека Фејсбук тоа ќе го ревидира во иднина. Меѓутоа, кога или како планираат да пристапат кон ова прашање останува да се види, но засега се чини дека WhatsApp останува без реклами.