Фејсбук се оддалечи од својата политика да не ги проверува информациите кои ги објавуваат политичарите со цел да спречи ширењето на потенцијално штетни дезинформации во врска со вирусот COVID-19, со тоа што го отстрани видеото споделено од бразилскиот претседател Жаир Болсонаро.
Компанијата одлучила да го отстрани видеото на Болсонаро објавено во неделата во кое тој вели дека “хидроксихлорофинот функционира насекаде“, и покрај тоа што лекот сѐ уште се тестира за да се утврди наговата ефикасност во лекување на коронавирусот. Дејството на лекот сѐ уште не е потврдено од научниците и здравствените работници.
„Ние ги отстрануваме содржините на Фејсбук и Инстаграм кои ги кршат стандардите на заедницата, кои не дозволуваат дезинформации кои може да доведат до физичка штета“, изјави потпарол на Фејсбук. Компанијата конкретно забранува лажни тврдења во врска со лекување, терапии и достапност до есенцијално важни услуги, како и локации и интензивност на заразеност.
Во отстранетото видео, Болсонаро разговарал со продавач на улица и тврдел „сите сакаат да работат“, за разлика од препораките на Светската здравствена организација луѓето да практикуваат социјално дистанцирање. Тој додал дека „лекот хидроксихлорофин, функционира насекаде“.
Ако луѓето погрешно веруваат дека постои широко ефикасен третман за COVID-19, тие не би ги слушале препораките за излегување во јавноста, одење на работа или самоизолација. Ова може да предизвика вирусот да се шири побрзо, да ги победи напорите да се намали пандемијата и да ги преоптовари системите за здравствена заштита.
Поради овие причини, Твитер исто така ги отстрани твитовите на Болсонаро, со цел да се запре дистрибуцијата на дезинформации. Фејсбук генерално избегнува да се однесува како арбитер на вистината во врска со точноста на тврдењата од страна на политичарите.
Сепак, минатата недела, Фејсбук извести дека дезинформациите во врска со коронавирусот кои можат да допринесат за физичка штета, ќе бидат директно отстранети како што е направено и за други епидемии од 2018 година, додека помалите теории на заговор кои не можат директно да предизвикаат физичка штета, ќе бидат испратени на проверка на фактите.