Австралија ги презема последните чекори за да ги обврзе технолошките гиганти Фејсбук и Гугл да им плаќаат на медиумите за вестите што ги објавуваат. Ова е прва земја во светот што одлучи за вакво нешто.
Одлуката беше оценета како заштита на независното новинарство, но споменатите компании се спротивставија.
Законот, кој би го регулирал ова прашање, ќе биде тема на парламентарна расправа оваа недела. Пратеникот Џош Фриденберг изјави дека компаниите ќе мора да преговараат со локалните медиуми за цената на нивната содржина што сакаат да ја објават. Доколку не можат да постигнат договор, како што рече, владата ќе одлучи наместо нив.
„Ова е голема реформа. Ова се случува за прв пат во светот и целиот свет гледа што се случува тука во Австралија. Законодавството ќе овозможи правилата од реалниот свет да се применуваат и во дигиталниот свет. Тоа ќе ги поддржи и нашите медиуми “, рече Фриденберг.
Се смета дека планот на австралиската влада претставува досега најголемо влијание врз работењето на Фејсбук и Гугл. Напорот да се постигне оваа цел трае веќе три години. Овие корпорации предупредија дека би можеле да престанат да даваат услуги во Австралија.
Претставник на Гугл одби да коментира за ова прашање. Оттаму тврдат дека сè уште не виделе што бара предложениот закон. Ниту од Фејсбук не дадоа коментар.
Мислењето е дека овие две корпорации принудија голем број медиуми да одвојат значителни средства за рекламирање на нивните платформи. Ова им донесе големи трошоци, што резултираше со губење на голем број работни места.
Освен Австралија, и Франција има намера да го стори истото, пренесува Ројтерс.