Компанијата Фејсбук ја разгледува забраната за политичко рекламирање на нивната социјална мрежа во пресрет на изборите за претседател на САД во ноември, пренесува Ројтерс
Како што е наведено, за усвојувањето на одлуката за забрана на политичко рекламирање сеуште се дискутира.
„Од една страна, забраната за политичко рекламирање би можела да помогне да се запре ширењето на лажни вести поврзани со изборите, но од друга страна, постои загриженост дека забраната за политичко рекламирање на Фејсбук ќе му наштети на компанијата, а истовремено ја ограничува можноста на кандидатите да одговорат на широко распространетите вести и новите информации“, пренесува агенцијата.
Се укажува дека ова би била голема промена за Фејсбук, кој досега се придржуваше до политика на непроверување на фактите презентирани од политичарите или за време на нивната кампања.
Фејсбук е важна платформа за политичарите, особено во време кога многу луѓе остануваат дома, а класичните кампањи и собири претставуваат потенцијален ризик по здравјето заради пандемијата на вирусот Ковид-19.
Еден од поранешните директори на Фејсбук, Алекс Стамос, процени дека забраната за политичко рекламирање на оваа социјална мрежа пред изборите во САД може да биде корисна за актуелниот претседател Доналд Трамп.
„Елиминирањето на политичкото рекламирање на мрежите ќе им користи само на оние што имаат пари и можност за медиско рекламирање“, наведе Стамос на својот профил на Твитер.
Претставниците на демократите и директорот на дигиталната кампања на претседателски кандидат Џо Бајден, Роб Флаерти ја критикуваа идејата за привремена забрана за политичко рекламирање на Фејсбук.
Како што рече, тоа не е доволно и вистинското решение за борба против лажните вести.
Политичкото рекламирање е само еден мал дел од бизнисот на Фејсбук.
Во изминатите 90 дена, Трамп и Бајден потрошија вкупно 29,2 милиони долари на рекламирање на социјалните мрежи, додека Фејсбук оствари промет поголем од 17 милијарди долари во последниот квартал.