Фејсбук ќе забрани политички реклами во САД веднаш после претседателските избори, обидувајќи се да спречи каква било малверзација во врска со резултатите од изборите.
„Иако рекламите се важни, планираме привремено да ги забраниме сите изборни и политички реклами во САД по затворањето на избирачките места на 3 ноември, со цел да ги намалиме можностите за злоупотреба“, објави компанијата.
Овој потег на Фејсбук се должи на зголемената загриженост на американската јавност дека социјалните мрежи можат да ги поматат резултатите од изборите во САД. Компанијата исто така презема чекори за да ги спречи кандидатите прерано да прогласат изборна победа.
Кога ќе се затворат избирачките места, Фејсбук и Инстаграм ќе додадат специјално поле на горниот дел од платформата со релевантни информации за резултатите од изборите. Затоа, доколку некој од кандидатите лажно тврди дека победил на изборите, Фејсбук ќе додаде поконкретни податоци за да се спротивстави на какви било лажни тврдења.
Фејсбук претходно објави дека ќе ги замрзне политичките реклами пред изборите, но компанијата сепак одлучи да го стори тоа по изборите.
Да потсетиме дека популарните социјални платформи веќе се соочуваат со низа проблеми поради претседателските кандидати. Најмногу маки им задава Доналд Трамп, чии објави на Твитер се избришани неколку пати. Од друга страна, неговиот противкандидат Џо Бајден го критикува Фејсбук затоа што не ги отстранува, како што вели, лажните тврдења на Трамп за гласање по пошта.