Фејсбук ќе соработува со 17 надворешни академски истражувачи на научна студија која има за цел подобро да го разбере влијанието на социјалните платформи Фејсбук и Инстаграм врз политичките ставови и однесување на корисниците.
Притоа, за целите на истражувањето ќе биде потребно една добра бројка на корисници привремено да се откажат од користењето на социјалните платформи или да прифатат „таргетирани промени“, со цел да се следи развојот на нивните ставови во пресрет на американските претседателски избори во ноември, како и во месеците по нив (ноември-декември).
На корисниците кои ќе прифатат да бидат дел од истражувањето и ќе ги деактивираат своите профили, Фејсбук ќе им плаќа одредена сума која допрва треба да се одреди, при што опциите се по 10, 15 или 20 долари неделно. Од Фејсбук очекуваат дека во истражувањето ќе учествуваат од 200,000 до 400,000 корисници.
Меѓутоа, со цел да се задржи независноста и непристрасноста на самите истражувачи, тие нема да бида компензирани од страна на Фејсбук. Компанијата истакна дека нема намера да се меша или да ги ограничува прашањата кои ќе ги поставуваат истражувачите, ниту пак да интервенира во резултатите кои ќе ги публикуваат. Од Фејсбук само бараат тие резултати да бидат објавени јавно, со цел да може да бидат ревидирани од страна на други истражувачи за потенцијални грешки.
Поради големиот број на податоци кои ќе бидат собрани, се очекува дека нивната анализа ќе трае со месеци и дека првите резултати најрано ќе можат да бидат публикувани дури кон средината на 2021 година.