Најголемата социјална мрежа во светот Фејсбук од следниот месец во Соединетите Американски Држави ќе започне со стримување на лиценцирани музички видеа.
Фејсбук на музичките изведувачи им даде рок до 1 август да изберат опција со која нивните официјални музички видеа ќе бидат додадени до нивната Фејсбук страница во одделот за видеа. Доколку музичките страници тоа не го сторат, Фејсбук автоматски ќе генерира нова страница под називот “[име на изведувач] Official Music” кон која ќе бидат додадени музичките видеа.
Секое новододадено видео на официјалната страницата на изведувачот ќе биде автоматски споделено на нивниот „тајмлајн“, но изведувачите ќе имаат можност да ги отстрануваат видеата доколку тоа е нивниот избор.
Уште минатата година беше известено дека Фејсбук преговарал со трите најголеми американски дискографски куќи (Universal Media Group, Sony Music и Warner Music Group) во однос на нивните музички права. Со воведувањето на лиценцираните музички видеа, Фејсбук станува директен конкурент на YouTube.