Во својот извештај за „координирано неавтентично однесување“ во јули 2021, Фејсбук објави дека избришале инфлуенсерска кампања која ширела таргетирани дезинформации поврзани со анти-ковид вакцините на Фајзер и АстраЗенека.
Фејсбук ја опиша кампањата како „перална за дезинформации“. Таа главно таргетирала корисници во Индија и Латинска Америка, но и во САД во „помала мера“. Истражувањата покажале поврзаност со руската маркетинг агенцијата Fazze, регистрирана во Обединетото Кралство.
Кампањата започнала во ноември 2020 година, кога мрежата ширела мемиња и коментари со негативна содржина против вакцината на АстраЗенека. Потоа во мај 2021, после период на неактивност, таа повторно се активирала, но овој пат ширејќи дезинформации против безбедноста на Фајзеровата вакцина, наводно од „протечен“ документ на АстраЗенека.
За време на втората фаза од кампањата, весникот The New York Times објави сторија за различни француски и германски инфлуенсери кои добиле понуда од Fazze за да се приклучат кон кампањата. Поканите им биле испратени на инфлуенсерите во скоро исто време, нудејќи им добра сума на пари за своето учество во „партнерството“.
Откако се пробила веста, Fazze избришале голем дел од своите содржини и дел од профилите, како и својот веб-сајт.
Фејсбук посочува дека „важно за истакнување е што двете фази на кампањата коинцидираат со периоди кога голем број на влади, вклучително во Латинска Америка, Индија и САД, дискутирале за вонредната авторизација на именуваните вакцини“.
Во својот извештај, Фејсбук исто така истакна дека отстраниле мрежа поврзана со армијата на Мијанмар.
Во врска со двете мрежи за дезинформации, биле избришани вкупно 144 профили на Фејсбук и 262 профили на Инстаграм.