По соопштувањето на резултатите од своето работење во последниот квартал од 2021 година, технолошкиот гигант Мета забележа огромен пад на својата пазарна вредност од над 230 милијарди долари за еден ден.
Компанијата-сопственик на социјлните мрежи Фејсбук, Инстаграм и ВатсАп, ги разочара своите инвеститори, по што следеше пад на акциите од дури 26.4%.
Главен индикатор за состојбата во која се најде Мета е фактот што носечката социјална мрежа Фејсбук, за прв пат во своето 18-годишно постоење, почна да забележува пад во бројот на дневни активни корисници.
Имено, Фејсбук забележал пад од скоро 500,000 дневни логирања во последните три месеци на 2021 година, доведувајќи го бројот на активни дневни корисници на околу 1.93 милијарди – што е далеку од малку, но сепак недоволно за апетитите на Фејсбук.
Како причини, Фејсбук ги наведуваат засилената конкуренција од други социјални платформи како ТикТок и Јутјуб, но и кратењето на трошоците за огласување кај дел од компаниите.
Компанијата очекува дека во првиот квартал на новата година ќе има приходи помеѓу 27 и 29 милијарди долари, што е доста помалку од она што првично го очекуваа аналитичарите.
Како резултат на сé, богатството на извршниот директор на Мета, Марк Зукерберг, се намалило за дури 29 милијарди долари.