Идентификувањето и рекреирањето на фонтови кои ни се допаднале секогаш претставува предизвик. Уште пак кога се работи за недигитални, туку рачни фонтови т.е. ракописи – тоа е скоро невозможно. Меѓутоа, Фејсбук работи на нова алатка која сето тоа ќе го направи едноставно.
Алатката наречена TextStyleBrush користи „дипфејк“ технологија на вештачка интелигенција која со голема доза на успешност може да рекреира цели фонтови од само една фотографија или друг вид на слика. Алатката е толку развиена, што за исполнување на својата задача е доволно само едно зборче, а според стилот на буквите од тој збор, алатката ги рекреира и другите букви.
Според компанијата, новата алатка е далеку понапредна од „добро дефинираните, специјализирани задачи“ на другите случни платформи, бидејќи се работи за „првиот самонадгледувачки модел на вештачка интелигенција кој заменува текст во слики од ракопис и други сцени, во еден обид, користејќи само еден збор за пример, без да трпи влијание од текстурата и боите на сцената“.
Јасно е дека ваква алатка може да има огромна функционалност за креативците, но од друга страна наметнува етички дилеми, овозможувајќи поедноставување на процесот на фалсификување на текст. Од компанијата велат дека тие се свесни за ваквиот ризик, но дека истовремено ваквиот проект ќе поттикне значаен дијалог и свесност во јавноста за предизвиците кои ги носи развојот на новата дипфејк технологија.