Следејќи ги чекорите на YouTube Kids и Messenger Kids, технолошкиот гигант Facebook работи на нова верзија на Instagram наменета за деца под 13 години. Моментално, за да се зачлените на платформата треба да имате наполнето 13 години.
Веста ја прошири магазинот BuzzFeed, доаѓајќи до интерен документ на компанијата потпишан од страна на потпретседателот за производи на Инстаграм, Вишал Шах. Автентичноста на документот потоа беше потврдена од страна на Facebook за порталот Mashable.
Во развојот на новата платформа за деца, компанијата ќе се фокусира врз приоритетот на приватноста и безбедноста на младите корисници. Притоа, употребата на платформата треба да биде „искуство под родителска контрола“, кое на децата ќе им овозможи да се поврзуваат со своите пријатели и да откриваат нови интреси на еден безбеден начин.
Сепак, дел од родителите претходно ја имаат доведено во прашање искреноста на намерите позади ваквите платформи, укажувајќи дека на овој начин технолошките компании ги наведуваат децата да станат нивни идни потрошувачи. Исто така, се истакнува проблемот на сајбер насилството.
Во секој случај, дигиталните платформи наменети за деца подлежат на многу поголеми рестрикции во однос на огласувањето, така што таквите апликации не смеат да собираат кориснички податоци и да таргетираат корисници на таков слободен начин, како што се прави на оригиналните платформи наменети за возрасни.