(27.08.2020) – Технолошкиот гигант Apple соопшти дека новиот оперативен систем iOS 14 ќе го отежни процесот на собирање кориснички податоци во огласувачки цели.
Apple има во план го прекине собирањето на уникатни податоци за идентификување на нивните уреди во огласувачки цели (IDFA – Identifier for Advertising), освен доколку корисникот не даде екплицитна дозвола за тоа. Ваквите податоци се користат во генерирањето на персонализирани реклами за таргетираните корисници.
Најавените промени го предизвикаа вниманието на Фејсбук, од каде во официјално соопштение истакнуваат дека ваквите промени на iOS драстично ќе влијаат врз ефективноста на нивната платформа за огласување Facebook Audience Network, со можност да предизвикаат и намалување до 50% во приходите од огласување кај корисниците на iOS. Платформата Facebook Audience Network на огласувачите им овозможува да ги прошират своите рекламни кампањи од Фејсбук и на други интернет апликации, во голема мера благодарение токму на таргетирањето врз основа на уникатните IDFA податоци кои досега ги собираше iOS.
Од Фејсбук додаваат дека новите промени може да ја натераат компанијата целосно да запре да ги нуди услугите на Audience Network за iOS.
„Ова не е промена што сакаме да ја направиме, но, за жал, ажирурањата на Apple во однос на iOS 14 ја присилија ваквата одлука. Ние знаеме дека ова може значително да влијае врз можноста на издавачите да ги монетизираат своите содржини преку Audience Network на iOS 14 и, без разлика на нашите најдобри напори, може да ја направи Audience Network толку неефективна за iOS 14 што можеби нема да има смисла повеќе да ја нудиме на iOS 14 во иднина,“ се посочува во соопштението на Фејсбук.