(01.09.2020) – Скоро една година австралиските власти, издавачи и новински куќи се обидуваат да ги натераат Фејсбук и Гугл да почнат да им плаќаат за употреба на нивните содржини. Технолошките гиганти се спротивставуваа на одлуката, тврдејќи дека интернет сообраќајот кој издвачите го добиваат од платформите е доволна компензација.
Но, Австралија отиде еден чекор понатаму. Министерот за финансии Џош Фриденберг побара од државното регулаторно тело за конкуренција и потрошувачи на Австралија да состави нов закон кој ќе биде обврзувачки за Фејсбук и Гугл.
Законот треба да биде готов до ноември 2020 и од технолошките гиганти ќе бара да се договорат со издавачите како да им плаќаат за нивните содржини, однапред да ги советуваат за промени во алгоритмите кои влијаат врз рангирањето на нивните вести, да фаворизираат оригинални вести при пребарување и да споделуваат податоци со медиските компании.
Меѓутоа, сега Фејсбук соопшти дека ќе ги блокира издавачите и корисниците од Австралија да споделуваат вести на платформата, доколку биде донесен предложениот закон кој ќе ја принудува компанијата да ги дели своите приходи со издавачите во земјата.
„Под претпоставка дека овој нацрт-закон ќе биде донесен, ние неволно ќе престанеме да им дозволуваме на издавачите и луѓето во Австралија да споделуваат локални и меѓународни вести на Фејсбук и Инстаграм,“ напиша австралискиот управен директор на Фејсбук, Вил Истон.
„Ние веќе инвестираме милиони долари во австралиските новински компании и за време на разговорите околу законот, понудивме да инвестираме уште милиони повеќе. Ние исто така се надевавме дека ќе го донесеме Facebook News во Австралија, функција на нашата платформа исклучиво наменета за вести, каде што им плаќаме на издавачите за нивните содржина,“ додава Истон.