Фејсбук соопшти дека суспендираше 70 Фејсбук профили, 138 Фејсбук страници и 65 Инстаграм профили контролирани од “Агенцијата за интернет истражување – The Internet Research Agency (IRA) ”. Директорот на одделот за безбедност на Фејсбук, Алекс Стамос, објави пост во кој презентираше неколку реклами и страници кои, според него, биле водени од страна на еден центар за дезинформации поврзан со Русија. “Агенцијата за интернет истражување континуирано употребувала неавтентични профили за да ги лаже и манипулира луѓето,” напиша Стамос, додавајќи: “Поради тоа го отстрануваме секој профил за кој ќе откриеме дека е поврзан со организацијата – без разлика дали е поврзано со активности во САД, Русија или на друго место.” Фејсбук ги отстрани и сите реклами поврзани со овие профили.
Според Стамос, пронаоѓањето на овие профили траело со месеци. Околу 95 проценти од страниците со јазично-специфични содржини биле насочени кон луѓе кои го говорат рускиот јазик, а 1.08 милиони корисници следеле барем една од овие страници. Профилите на Инстаграм имале околу 493,000 следачи и сите профили колективно потрошиле околу 167,000 долари на рекламирање од почетокот на 2015 година.
Дел од објавите кои ги презентираше Фејсбук како поврзани со Агенцијата за интернет истражување вклучуваа страници именувани како RuOpen, Politkach и Spicy Blogger, и содржини како политички шеги и барања до читателите да споделат “чудни и страшни” приказни. Стамос изјави дека странците биле отстранети исклучиво поради нивната тајна врска со Агенцијата за интернет истражување, а не поради проблеми со содржината.
Марк Зукерберг напиша дека оваа акција биле насочена кон “отстранување на страници поврзани со Агенцијата за интернет истражувања кои таргетирале луѓе кои живеат во Русија,” за разлика од оние дизајнирани да имаат влијание врз странски избори. “Оваа руска агенција постојано работела измамнички, со цел да ги манипулира луѓето во САД, Европа и Русија – и не сакаме тие да бидат на Фејсбук никаде во светот,” вели Зукерберг.
Во неговиот пост кој можете да го погледнете подолу тој повторно ја споменува Македонија, како една од земјите од каде доаѓале лажни акаунти кои ширеле дезинформации – со тоа доведувајќи ја директно во корелација со руската агенција која е попозната и како IRA – Internet Research Agency.
Ова соопштение доаѓа во време кога Фејсбук сеа наоѓа во центарот на една друга политичка контроверзија во која е вклучена и Cambridge Analytica, компанија за собирање и обработка на податоци за политички цели, која искористила податоци на околу 50 милиони Фејсбук корисници непосредно пред американските претседателски избори во 2016 година.
Фејсбук постојано ја осудуваше Агенцијата за интернет истражување поради прекршување на основното Фејсбук правило на “автентичност”. Минатата година, социјалната мрежа идентификуваше околу 3,000 реклами насочени кон американските корисници за време на изборите и суспендираше 30,000 наводно лажни профили пред претседателските избори во Франција, заедно со лансирањето на систем за “проверка на факти”. Фејсбук објави алатка која им дава можност на корисниците да проверат дали имаат “лајкнато” или следат пропагандна страница и најави планови за надоградба на оваа алатка во које ќе бидат вклучени и нови страници.