Социјалната мрежа Фејсбук ја претстави „првата фаза“ од напорите за обнова на својот визуелен идентитет, со цел да вдахне нов живот во брендот и да го подигне свото присуство во заситената средина на дигитални апликации.
Развиена како тимски напор помеѓу различните оддели на компанијата, визуелната трансформација на Фејсбук вклучува суптилно освежено лого, ажурирана палета на бои, типографија и иконографија – сето тоа насочено кон подобрување на корисничкото искуство на секој сегмент на платформата.
Централно место во претставениот редизајн има обновеното лого на Фејсбук, опишано од самата компанија како „посмело, електрично и истрајно“. Клучната промена е тоа што повеќе нема градација на сината боја, туку синото кругче доаѓа во една иста нијанса – нешто потемна од претходно. Целта на ваквата промена е да се обезбедни посилен контраст, а со тоа и подобрена видливост, за централно-поставениот монограм “f” во бела боја.
За сметка на напуштената градација на сини нијанси во логото, платформата ќе користи палета на повеќе сини тонови за останатите елементи на нејзиниот бренд идентитет. На тој начин треба да се обезбеди флексибилност за брендот во различни контексти.
Во однос на типографијата, дизајнерскиот тим развил поконзистентен систем за употреба на постојниот фонт Facebook Sans, со цел подобрување на целокупната читливост на платформата. Истовремено е обновен и целокупниот иконографски систем, исто така за да се обезбеди конзистентност ширум разните сегменти кои го сочинуваат Фејсбук. Во рамки на иконографските промени, вредно за истакнување а новиот изглед на емотиконите за „реакции“ – кои што добија поголема димензионалност т.е. пластичност.
Подетално за претставениот редизајн на Фејсбук и логиката позади направените промени можете да прочитате во официјалниот блог-пост од дизајнерскиот тим на следниот линк.