Маѓународниот адвертајзинг фестивал Cannes Lions им забрани учество на сите пријавени кампањи и делегати кои доаѓаат од руски агенции и компании, како реакција на руската инвазија на Украина.
„И покрај нашата желба да ја славиме креативноста од каде и да доаѓа, донесовме одлука да не прифаќаме кампањи и делегати од руски организации на Cannes Lions или нејзините поврзани наградни програми“ – стои во соопштението на компанијата Ascential, која го организира фестивалот.
Од Cannes Lions исто така порачаа дека сите украински делегати се добредојдени без котизација и дека ќе им направат рефундирање на сите украински агенции кои тоа ќе го побараат. Организацијата исто така истакна дека ќе направи „значителна донација“ до добротворните организации кои делуваат во погодениот регион.
„Нашите мисли се со луѓето на Украина и сите други членови на заедницата кои се погодени во овие исклучително тешки времиња“, додаваат од Cannes Lions.
После двегодишна пауза поради пандемијата, Cannes Lions оваа година планира повторно да се врати на југот од Франција во јуни. Еднонеделниот фестивал привлекува илијадници брендови, агенции, маркетери и креативци од целиот свет.
Цената за учество на фестивалот изнесува од 3,675 евра за обична неделна влезница, до 9,195 за неделна платинум влезници. Пријавувањето на кампања во некоја наградна категорија чини од 610 до 2,325 евра, во зависност од категоријата.