Еден од најомилените филмови во историјата на седмата уметност “Однесено од виорот“ се враќа на репертоарот на стриминг платформата „HBO Max“ со пропратни две снимки на одрекување од одговорност, во кои се наведува дека култниот филм “ги негира ужасите на ропството“
Пред неколку недели, Џон Ридли, сценарист кој е награден со Оскар за филмот „12 години ропство“, изјави дека филмот “Однесено од виорот“ треба да се отстрани од репертоарот на стриминг сервисот и телевизијата, поради величање на ропството на американскиот Југ пред Граѓанската војна.
„Освен што ги игнорира ужасите на ропството, филмот подгрева некои од најболните стереотипи кон другите раси“, рече Ридли, по што стриминг сервисот “HBO Max“ го повлече филмот од својата понуда.
„Овој филм е производ на своето време и покажува некои етнички и расни предрасуди кои за жал беа вообичаени во Америка“, соопштија од кабловскиот севис, објаснувајќи ја нивната одлука, додавајќи дека кога ќе биде вратен во репертоарот, “Однесено од виорот“ ќе вклучи некакво предупредување.
Филмот сега е вратен во репертоарот со два придружни видео записи во кои се дискутира за историскиот контекст на реализацијата.
Во првата снимка е објаснето дека “Однесено од виорот“ е еден од најпопуларните филмови на сите времиња, но дека начинот на кој ги прикажува Афроамериканците бил контроверзен, дури и кога се појавил во кината.
„Американскиот југ е претставен како свет на милоста и убавината без да се признава бруталноста на системот заснован на ропството“, се вели во објаснувањето.
Второто видео е едночасовна панел-дискусија во која се дебатира за комплицираното наследство на култното достигнување.
“Одвеано од виорот“ е љубовна приказна за Скарлет О’хара (Вивиен Ли), ќерка на сопственик на плантажа и Рет Батлер (Кларк Гејбл). Филмот имаше голем комерцијален успех, освојувајќи дури осум Оскари.
Сепак, афро-американските писатели и активисти веднаш се побунија против начинот на кој филмот ги прикажуваше робовите како пасивни и послушни, како и фактот што имало доза на сентименталност при опишувањето на американскиот југ пред Граѓанската војна.
Хети Мекданиел, која ја играше слугинката Мами, стана првиот Афроамериканец што освои Оскар за најдобра споредна актерка. Поради расната сегрегација, сепак, не беше дозволено да седне со другите членови на актерската екипа на церемонијата за доделување награди во хотелот „Амбасадор“ во Лос Анџелес.