Финскиот алкохолен бренд Hartwall’s Original Long Drink се обиде да започне национална традиција за одбележување на „најсивиот ден во годината“ во кампања дизајнирана да ги заобиколи строгите правила за рекламирање на алкохолни производи во државата.
Имено, во јануари 2015 година, финскиот парламент изгласал законски измени според кои се забранува рекламирањето на алкохолни производи на јавни места, социјални медиуми, како и на телевизија до 22 часот.
Пијалокот, оригинално создаден за Олимписките игри во Хелсинки во 1952 година, е познат по својата сива боја, при што некои од неговите прекари гласат „сивиот“, „цемент“ и „бетон“. Бидејќи Финска е добро позната по своето сиво време, брендот, заедно со агенциите Miltton и bob the Robot, дошле до идеја за одбележување на „национален најсив ден во годината“, кој метеоролозите го идентификувале како третата сабота во ноември (оваа година тоа беше 17 ноември).
Фестивалот вклучуваше отворен концерт во Хелсинки и голем број на други настани ширум градовите во Финска. Луѓето ги споделуваа своите „сиви“ спомени од денот на социјалните медиуми, а и голем број на други брендови се вклучија со свои промоции во одбележувањето на „најсивиот ден во годината“. Па така, и покрај тоа што рекламирањето на алкохол е забрането во клучните периоди од денот, Hartwell го искористи овој нов „празник“ за да биде главна тема на разговор во текот на целиот ден.
Според анкетата спроведена отпосле, еден од пет Финци го препознале 17 ноември како „најсивиот ден во годината“, а 23% ја поврзувале сивата боја со Hartwall’s Original Long Drink.