Автор: д-р Крсте Маљановски
Пандемијата од КОВИД 19, дефинитивно, влијае на менталното здравје на децата од 5 до 18 годишна возраст. Општо е прифатен ставот дека одењето во градинка е од непроценливо значење за социјализација на секое дете. Временски најдобро би било тоа оделување од најтесното семејство да биде околу третата година од животот на секое дете. Неговото останување во семејството може да има негативни последици во неговиот понатамошен ментален развој. Тука се мисли на играта, подготовката за училиште и слично.
Многу фактори влијаат околу стартот и понатамошно школување во време на пандемијата. Како психолог и доктор на науки тврдам дека најдобро целиот образовен процес да се одржува во школските клупи, односно со непосреден престој во училиште.
Одењето на училиште има многу позитивни аспекти, како што се процесот на социјализација меѓу децата и во средината, потоа директниот контакт со наставникот, реалноста во оценувањето, како и делумната изолираност од странични негативни влијанија, како што се на пример, од родителите или дедовците и бабите, од непроверени и неточни информации, лажни вести и така натаму, што може да создадат поголем степен на реален страв од пандемијата.
Ова може да го поткрепам и со дополнителните негативни аспекти доколку наставата се одвива онлајн, преку компјутер, телевизија, мобилна телефонија, таблети. Едноставно, не секое дете има достапност до овие уреди. Потоа, следува необученоста на децата и на родителите да ја користат технологијата, како и покриеноста со интернет на територијата на цела држава и други технички аспекти.
Секако, сето ова влијае и на менталното здравје кај децата.
- Социјализацијата во овој период од животот е еден од најбитните фактори за правилен психофизички развој.
- Подолгиот престој со овие технички средства (подолго од 2 часа може да создаде зависност) која се дефинира како сериозно пореметување.
3.Работата во вечерните термини или вежбање може да предизвика инсомнија која може да доведе до сериозни пореметувања (органски и ментални). Светлото од екраните на компјутерите, таблетите и мобилните го потиснува ослободувањето на хормонот за спиење – мелатонинот што доведува до ненаспаност и потоа, до физичка исцрпеност, пад на имунитетот, пад на концентрацијата, раздразливост, избувливост, невротичност и рационален страв. Ова се краткотрајни манифестации кои се појдовна основа за сериозни ментални нарушувања.
Но, имаме и потешки нарушувања кои се манифестираат, како што се анксиозноста и депресија.
Поради ова, сметам дека протоколите за настава онлајн и за комбинирана настава може да имаат негативни влијанија врз менталното здравје на децата. Односно, колективниот имунитет создаден од вакцинираните и прележаните луѓе и присуството на децата во училиштата е најдобар метод за менталната заштита на целото население – особено за децата.