Новите трендови во сферата на односите со јавноста се обликувани од промените во поширокиот социјален, технолошки и економски контекст. Индустријата постојано се менува и развива, слично како светот околу нас. Па така, доколку сакате да одржите конкурентска предност, мора да бидете во тек со новите технологии, пристапи и воопшто трендови во вашата област на делување.
Џена Гуарнери, основач и извршен директор на JMG Public Relations, во објава за Forbes ги пренесува своите предвидувања за трендовите во односите со јавноста во 2024 година.
- Човечен пристап
Во време на дигитална ера, кога технологијата на вештачката интелигенција пробива на секое поле и голем број содржини се генерираат компјутерски, одржувањето на човечниот пристап во комуникациите со јавноста е неопходно.
Со цел пораките да бидат порелевантни и повпечатливи, треба да се трудите да го „хуманизирате“ брендот. Тоа значи дека треба во него да внесете вистински човечки квалитети како што се емпатијата, хуморот и разбирањето, што ќе ви овозможи да се поврзете со вашата публика на подлабоко ниво.
- Автентичност
Почовечниот пристап во односите со јавноста треба да биде проследен и со автентичност. Останувањето доследни на она што сте, без конформрирање кон надворешните очекувања или притисоци, треба да ве издвојува од вашите конкуренти.
Автентичноста во односите со јавноста помага во градењето доверба и кредибилитет кај клиентите. Врз основа на неа се создаваат вистински врски, на повеќе лично ниво, кои можат да се одржуваат долготрајно.
- Социјални медиуми
Силното присуство на социјалните медиуми е од клучно значење во ПР индустријата бидејќи нуди директен и непосреден канал за комуникација, овозможувајќи пристап до поширока публика и одржување на подиректни врски со јавноста во реално време.
Создавањето оригинална содржина, објавување написи, поттикнување дискусии, споделување сознанија и создавање силно онлајн присуство, сето тоа ќе придонесе за создавање моќен бренд.
- Односи со јавноста поткрепени со податоци
Зголемената употреба на технологијата ја наметнува важноста на податоците во нашето разбирање на процесите и во носењето на одлуки.
Кога започнувате со користењето на разни технолошки алатки, најпрвин мора да ги дефинирате вашите цели. Потоа треба да ги определите индикаторите за успех и начинот на кој ќе ги мерите. Откако ќе се утврди ова, треба да одлучите каде и како ќе ги добивате податоците.
Има многу достапни алатки за управување со податоци кои иако се корисни, можат да бидат и тешки за користење. За да ја пронајдете програмата што најдобро одговара за вашите потреби, обидете се да разберете како функционираат различните алатки и конкретните сознанија што тие можат да ги дадат.
- Зголемена употреба на вештачката интелигенција
Вештачката интелигенција служи како вредно дополнување на човечката експертиза, а не како замена, во односите со јавноста. Употребата на алатки со вештачка интелигенција може да помогне во анализата на податоци, обезбедувањето на увид за перцепцијата на јавноста, генерирањето содржини и во изработката на стратегии и одговори.
Меѓутоа, важно е да бидеме свесни за органичувањата и ризиците кои ги носи употребата на вештачката интелигенција, па така секоја генерирана содржина треба да биде ревидирана од страна на човечкиот фактор, а не земена „здраво за готово“.
- Потреба за усовршување
Како што технологијата продолжува да напредува, така ќе се зголемува и потребата за стекнување нови вештини со цел прилагодување кон промените во индустријата. Побарувачката за експертиза во анализата на податоци, дигиталниот маркетинг и интеграцијата на вештачката интелигенција е пример за тоа зошто ПР професионалците треба да ги усовршат своите вештини за да останат конкурентни во нивните улоги.
Негувањето култура на континуирано учење е од витално значење за развојот на компанијата. Треба да се поттикнува постојана едукација и да се инвестира во висококвалитетни работилници за да се развие силно лидерство, осигурувајќи дека тимовите за односи со јавноста се добро подготвени за динамичниот развој на индустријата.
Целосниот текст е достапен на следниот линк.