Големите екрани остливи на допир се сè почеста замена на физичките копчиња во кабината на автомобилот. Форд има идеја како да ги претвори во рекламен простор и можеби да заработи дополнителни пари на тоа.
Додека возиме по патот секој ден, поминуваме покрај безброј билборди кои рекламираат сè, од локални политичари до телеком тарифи, нови филмови или долна облека. Инженерите во Форд излегоа со идеја како рекламите од овие билборди покрај патот може дополнително да се искористат.
Тие предложија нов и иновативен начин за автомобилот да ја „прочита“ рекламата и да ја пренесе во инфо-забавниот екран во кабината на возилото. Камерите на автомобилите и онака веќе го снимаат сообраќајот, читаат сообраќајни знаци и го следат однесувањето на другите возила или пешаци, па зошто да не би ги следеле и рекламите – особено ако има потенцијал за дополнителни приходи од тоа.
Имајќи го тоа предвид, Форд поднесе пријава за патент во 2016 година, која беше објавена неодамна. Во неа се опишува како да се пренесе интерфејсот од билбордите покрај патот на екранот на возилото. Описот на патентот вели дека оваа технологија е особено корисна кога на билбордите се рекламираат локалните бизниси. Така, на пример, ако поминете покрај реклама за локален ресторан, екранот во автомобилот може да ви покаже дополнителни информации за него, како што е менито (т.е. сите понудени производи и услуги), потоа адресата со упатства за навигација, телефонскиот број, веб-страницата и слично.
Таквото решение ќе овозможи да се продолжи времето на внимание кое возачот и патниците го имаат за гледање на билбордите покрај патот, а рекламата на екранот во возилото исто така би била интерактивна. Така, патниците во возило со допирање на екранот, би можеле да ја посетат веб-страницата на огласувачот, да направат навигација кон неговата адреса, да му се јават на телефон или можеби да нарачаат производ или услуга, да резервираат маса и слично.