Децата згрижени во групни домови за справување со воспитно – социјални предизвици со воодушевување ја примија донацијата во техника и опрема обезбедена од Форд Македонија. Неизмерна радост завладеа кога децата видоа дека донацијата се состои од опрема што сами ја посочија како потребна за да го олесни секојдневието во домовите.
Генералниот директор на Ми-Да Гранд Моторс, Дритон Заири и маркетинг директорот Предраг Николовски, откако ја предадоа донацијата заедно со директорката на Јавната установа за згрижување деца со воспитни проблеми Виолета Масевска, останаа на кратка дружба со децата, кои беа многу гостопримливи домаќини.
Донацијата се обезбеди преку активностите на Форд Македонија како општествено одговорна компанија, која втора година донира дел од секое продадено возило во текот на кампањата Blue Friday. Годинава, оваа акција се реализираше последните два петока од ноември во салонот на Ми-Да Гранд Моторс во Скопје.
„Како општествено одговорна компанија сме свесни за потребата да се посвети внимание на една млада социјално чувствителна група и се разбира, да им се помогне и олесни секојдневието. Драго ми е што продолжуваме со поддршката на групите кои имаат потреба од тоа и што годинава со донацијата се фокусиравме на она што им беше потребно и што го посакаа. Донацијата се состои од техника и опрема според желбата на децата од Домот“, рече Дритон Заири, генерален директор на Ми-Да Гранд Моторс по предавање на донацијата.
За директорката на Домот, за пофалба е одлуката на Форд Македонија донацијата да ја усогласи со желбите на децата и на тој начин, да се надминат одредени проблеми или потреби со кои децата се соочуваат секојдневно.
„Секако дека на нашите деца им обезбедуваме одлични услови во домовите каде се згрижени, но секогаш им недостасува нешто што може да биде донирано од општествено одговорните компании. Впрочем, донацијата треба да им помогне ним, иако имаме донации кои понекогаш создаваат наместо да решат проблем. Затоа би сакала да апелирам и до останатите донатори, кога се во можност да се консултираат со нас за овие донации да бидат конкретни и да решаваат одреден проблем или потреба на децата“, вели Масевска.