Седмиот по ред регионален форум на комуникациски лидери – IZAZOV 2021 ќе се одржи на 6 и 7 април во Белград, под слоганот „MAKE IT BIGGER“. Станува збор за интерактивен бизнис настан, прв од ваков вид во регионот, наменет исклучиво за професионалци од областа на маркетингот, односите со јавноста и дигиталните комуникации од компании и агенции.
Она што е сурова реалност, метафорично е претставено со излитеното мото „MAKE THE LOGO BIGGER“. Меѓутоа, оваа девиза сега станува повик да се свртиме кон поважни работи, како што се солидарност, односи, поддршка, емпатија, тимска работа – вредности без чие „зголемување“ и тоа лого на крајот ќе го изгуби своето значење, како и споменатото мото.
“Годината позади нас беше тешка и полна со предизвици за целата наша индустрија. Впечаток е дека во борбата за опстанок заборавивме на емпатија, сочувство, толеранција, поддршка. На форумот IZAZOV 2021, ќе се занимаваме со самите себе на сите нивоа, но и со вистинските меѓучовечки односи во професијата. Ако растеме како луѓе, ќе растеме и како професија. А за да растеме, прво мора да надминеме некои работи”, рече Ивана Парчетиќ Митиќ, основач и уредник на порталот Маркетинг мрежа, кој е организатор на форумот IZAZOV 2021.
Оваа година, теми на форумот, меѓу другото, ќе бидат: кој ја креира репутацијата на професијата денес; колку вреди агенциската работа; како да се обезбеди независност од големите клиенти и да се преживее нивното заминување; што е sustainable marketing и на кој начин ја менува индустријата од корен; кој презема одговорност за рекламирање на неетички брендови; зошто пазарот во Србија е во состојба на постојано дејствување и што придонесе за тоа. Претставници на најголемите компании и агенции во регионот, ќе зборуваат и за тоа зошто за платите во професијата сè уште само се шепоти; дали само агенциите мразат питчеви или причина за омраза имаат и огласувачите; зошто правилата за питч се мртва буква на хартија. За состојбата на пазарот на маркетинг комуникации во земјите од регионот ќе зборуваат претставници на агенции од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, БиХ и Македонија.
Посебен сегмент на форумот ќе биде посветен на поттикнување на дијалог помеѓу агенциите и компаниите, преку разни видови интерактивни работилници, а ќе се организира и тимбилдинг за учесниците. Како и претходните години, на форумот IZAZOV 2021 ќе биде презентирано најновото истражување за состојбата на професијата во регионот, кое Маркетинг мрежа го спроведува цели седум години.
Пријавување за учество на форумот на комуникациски лидери – IZAZOV 2021 трае до 22 март, а бројот на места е ограничен.
Повеќе информации можете да пронајдете на веб-страницата www.izazovforum.rs