Француската агенција за заштита на приватноста на податоците (CNIL) ги казни технолошките гиганти Гугл и Фејсбук со вкупно 210 милиони евра, поради отежнување во одбивањето на „колачиња“.
Имено, според францускиот регулатор, Гугл и Фејсбук имплементирале копче со кое веднаш се овозможува прифаќање на „колачиња“, но дека истовремено не постои еквивалентно копче со кое тие еднакво брзо и едноставно би биле одбиени од страна на корисниците.
Поради овој проблем, Гугл ќе треба да платат 150 милиони евра, додека пак Фејсбук – 60 милиони евра. Двете компании имаат рок од три месеци за да изнајдат решение, а доколку не го сторат тоа – ќе мора да плаќаат казна од 100.000 евра за секој ден доцнење.
Од Гугл соопштија дека посветено и активно ќе соработуваат со CNIL за изнаоѓање на соодветно решение, додека пак од Фејсбук посочуваат дека сé уште ја проучуваат добиената казна.
Управувањето со интернет „колачињата“ претставува една од главните определби на европските регулаторни тела за приватноста на интернет корисниците, вклучително и француското CNIL.