Франција стана првата европска држава која забрани реклами за фосилни горива
Забраната се однесува на сите нафтени енергетски производи и енергијата добиена од согорувањето на јаглен и јаглеводороди. Природниот гас е изземен од забраната до јуни 2023 година.
Некои форми на огласување, како финансиски инвестиции во фосилни горива или спонзорства, не се вклучени во забраната. Исто така, рекламирањето ќе биде дозволено за декарбонизиран водород, горива кои содржат најмалку 50% обновливи соединенија и се во согласност со критериумите за намалување на емисијата на стакленички гасови, како и за гас со 50% содржина на биогас.
Непочитувањето на забраната може да доведе до казна од 20.000 до 100.000 евра, а повторените прекршители може да платат и двојно поголема сума.
Претседателот Макрон вети дека ќе ги стави еколошките прашања во фокусот на неговиот втор мандат, по неговиот реизбор во мај.
Еколошките здруженија сметаат дека забраната не е доволно обемна и треба да се прошири.
За време на овогодишното издание на креативниот фестивал Cannes Lions, кој се одржа во Кан, Франција, активисти на Greenpeace приредија неколку акции со кои повикаа на забрана на рекламите за фосилни горива.