Францускиот закон за рекламирање го забранува искористување на стравот и страдањето за рекламни цел
Телевизиската реклама за велосипеди произведена во Холандија е забранета во Франција затоа што, како што велат, „создава клима на страв кон автомобилите“, пишува „Гардијан“.
Иако се прикажува на холандска и германска телевизија, француското регулаторно тело ARPP смета дека велосипедите VanMoof неразумно ги дискредитираат автомобилите.
Во рекламата е прикажан црн, сјаен автомобил на која се одразуваат слики од чад, ротирачки света и метеж во сообраќајот. Возилото потоа се трансформира во најновиот велосипед на холандската компанија со натпис: “Time to ride the future“.
„Некои сцени кои се пресликани на автомобилот, според наше мислење, неправедно го дискредитираат целиот автомобилски сектор“, се вели во писмото на ARPP испратено до VanMoof. „Сцените на оџаците и сообраќајните несреќи создаваат клима на страв“.
Францускиот закон за рекламирање забранува искористување на стравот и страдањето за рекламни цели.
Како одговор, производителот на велосипеди ја обвини ARPP дека бара начин за заштита на француската автомобилска индустрија по остриот пад на продажбата за време на новата пандемија на коронавирус.
Продажбата на автомобили од француски производители е преполовена во мај, поради што претседателот Емануел Макрон започна со „тежок“ план од 8 милијарди евра за зачувување на индустријата и производителите како „Пежо“, „Ситроен“ и „Рено“.
Основачот на VanMoof, Тако Карли, изјави дека нема да ја промени рекламата.
„Неверојатно е дека на компаниите за автомобили им е дозволено да ги прикријат своите еколошки проблеми, а во исто време да ги цензурираат оние што ја актуелизираат оваа тема. Рекламата беше емитувана во Холандија и Германија, а спотот наиде на позитивна реакција од публиката. Во рекламата, на автомобилот се огледува минатото и гледачите се поканети да размислат за нови, поприродни начини на транспорт за почиста и позелена иднина“, рече Карли.
Директорот на ARPP, Стефан Мартин, ги отфрли критиките од производителот на велосипеди.
„Тоа е класичен одговор на нашата независност при донесувањето одлуки што го привлекува вниманието на медиумите извикувајќи „Цензура! “ Не можеме да ја покриеме целата индустрија на тој начин. Тоа е основно ако сакаме фер конкуренција. Во некои делови, таа реклама оди премногу далеку со слики што се непотребни, како чад од фабрички оџаци кои немаат никаква врска со автомобилската индустрија “, рече Мартин.