Од почетокот на 2021 година, францускиот магазин “Le Monde Diplomatique” кој анализира теми од светската политика, култура и тековни настани, ќе добие и македонско издание. Прв пат е претставен во 1954-та година во 5,000 примероци на 8 страни посветени на надворешна политика и гео-политичките случувања во Франција, а денес во светот се издава на 19 различни јазици во повеќе од 30 држави.
“Le Monde Diplomatique” ја комбинира отвореноста кон интернационалните прашања преку критичка анализа на сегменти кои што најчесто се изоставени од медиумите: идеологијата и глобалното функционирање на капитализмот, еколошките и социјалните последици од слободната трговија, опасноста од “судирот на цивилизации”, позадината на воените сојузи, потребните утопии и потенцијалните нови форми на демократија во ера на значајни гео-политички поместувања.
“Le Monde Diplomatique или “Светот на Дипломатијата” е магазин кој е наменет за публика која што има интерес за специфични гео-политички анализи и различен поглед на светските трендови и движења. Нашата идеа е да ги пренесеме гео-политичките анализи, но и да ја претставиме Македонија во еминентен магазин којшто го чита светската дипломатија. Со тоа ќе се обидеме нашите локални предизвици, како и гледишта и размислувања на глобални теми да ги претставиме на објективен начин пред светската јавност” – изјави Сергеј Зафироски, извршен менаџер на СИМУЛАКРУМ која е сестринска фирма на истражувачката агенција ИНСАЈДЕР ИД.
Најголем дел од објавените анализи ќе бидат директно преземени од француското издание, но дел ќе биде посветен на локални теми кои повторно ќе бидат во насока на гео-политичките и економските случувања.
“Преку соработка со македонските факултети и универзитетски професори, анализите за гео-политичките, но пред се економски теми ќе овозможат еден аналитички и долгорочно ориентиран поглед, ослободен од дневно-политичките теми и случувања. Не само во регионот, туку и во светски рамки важи за специфичен магазин кој ги анализира случувањата на уникатно препознатлив начин” – изјави Борислава Мирчевска, ко-основач и партнер во СИМУЛАКРУМ.
Повеќе за Le Monde Diplomatique моментално на француското издание: https://www.monde-diplomatique.fr/diplo/apropos