Франција бара воспоставување на европски регулатор за дигитални платформи како што е „Гугл“ за казнување на евентуална злоупотреба на влијанието, изјави висок француски службеник, наведувајќи пример за спор со американска компанија околу европскиот закон за заштита на интелектуалната сопственост
Минатиот месец Google објави дека на листите од пребарувањата за корисниците на Франција веќе нема да прикажува кратки информативни видео прилози од европски издавачи. Одлуката ја објасни во согласност со европските прописи за заштита на интелектуалната сопственост, но овај потег го налути Париз.
„Голема американска компанија, станува збор за Гугл, објави дека нема да ги усогласи своите активности со Директивата на Европската унија за заштита на интелектуалната сопственост“, рече францускиот претставник.
„Франција и Германија го делат ставот дека мора да ставиме крај на ваквото незаконско однесување“, додаде тој.
Париз најавува дека ќе побара од новата Европска комисија посебен статус за дигиталните платформи, заснован на модел направен за банкарскиот сектор.
Ова би значело дека големите компании, како Google, би се прогласиле за „системски важни“ и би подлегнале на соодветно, построго регулирање.
Регулаторот може да воведе санкции и парични казни за компаниите, додаде францускиот официјален претставник, наведувајќи детали за иницијативата што ја започна претседателот Емануел Макрон оваа година.
„На краток рок, би сакале Европската комисија да разгледа дали има основи за покренување правна постапка против Гугл“, рече тој.