Серијалот интервјуа „Фриленс профили“ го продолжуваме со нашиот денешен гостин Блаже Спирески. Тој ја започнал својата фриленс кариера уште во 2015 година преку тогашната платформа oDesk (денешен Upwork). Во предходните 8 години има соработувано со неколку десетици клиенти од различни земји како Австралија, САД, Канада, Чешка, Германија и др.
Исто така, тој е дел од проектот на РЕКОНОМИ и Импакт Фондација за промоција и развој на фриленсингот и работењето на далечина и има покажано одлични резултати како фриленс ментор во повеќе циклуси на пректите на РЕКОНОМИ. Тој беше и еден од говорниците на Првата Конференција на Фриленсери која се одржа во Мериот Хотел во Скопје, во склоп на активностите на РЕКОНОМИ програмата.
Маркетинг365: Како ја започнавте Вашата фриленсинг кариера? Што Ве инспирираше да го следите овој пат и кои беа почетните чекори што ги презедовте за да се етаблирате како фриленсер?
Блаже Спирески: Тоа беше уште во времето на оDesk, некаде кон крајот на 2014 и почетокот на 2015 година кога oDesk и Elance се ребрендираа и го формираа ова што денеска го знаеме како Upwork. Тогаш фриленсингот и работењето онлајн сѐ уште не беа толку пополуарни во Македонија и во светот, како што е тоа денес.
Во последните неколку години фриленсингот и работењето на далечина доживуваат голем пораст во Македонија и во светот, а проценките на магазинот Forbes се дека во наредната декада ќе има повеќе фриленсери, отколку луѓе со класично вработување.
Маркетинг365: Кои беа некои од главните пречки или предизвици на кои наидовте во раните фази на Вашата фриленсинг кариера? Како ги надминавте и какви поуки научивте од тие искуства? Дали има некоја посебна ситуација која ќе ја паметите засекогаш и од која сте научиле нешто особено важно?
Блаже Спирески: На почетокот, првиот предизвик секако беше да се добие одговор од клиентите и да се разбие почетниот мраз. За да се успее во фриленсингот, потребно е многу упорност и волја, посебно на почетокот кога сѐ уште го градиме својот профил или портфолио. Кога почнувате да градите фриленс кариера, networking-от е важна работа, добро е да познавате или да имате луѓе околу вас кои се исто така фриленсери. Добро ќе влијае на вас и кога некој ваш пријател или познаник ќе добие прв фриленс клиент, тогаш вие ќе ја добиете таа реализација дека „не е толку тешко“ и дека можете и вие.
Од ситуациите кои ќе се памтат од тој период, секако може да се издвојат првите контакти, видео разговори или преговарања со клиенти од западните земји како САД, Австралија или Канада. Тогаш доаѓаме до директен контакт со луѓе од различни култури и поинакви принципи на работа, од тоа што нам ни било познато дотогаш. Може да кажеме дека комуникациијата со клиенти од западниот свет на дневна основа и воочувањето на нивните принципи на работа, влијае позитивно и на нашето работење.
Маркетинг365: Како фриленсер, градењето силна база на клиенти и одржувањето на постојан работен тек може да биде од клучно значење. Кои стратегии или пристапи ги имплементиравте за да привлечете клиенти и да воспоставите долгорочни работни односи?
Блаже Спирески: Покрај техничките вештини, за успех во фриленсингот потребни ни се и soft skills (меки вештини). Треба да знаеме како да комуницираме и да изградиме позитивен однос со клиентите. Добро е да размислуваме во правец на тоа како можеме најдобро да им излеземе во пресрет на клиентите, да им ги решиме проблемите и да им додадеме вредност.
Наместо да размислуваме што ќе добиеме и земеме од нив, првично треба да се размислува за тоа како да се додаде што поголема вредност и придонес на клиентите. Кога клиентите ќе увидат дека ние додаваме вредност во нивното работење, самите тие нема да сакаат да нѐ испуштат и така се градат тие успешни победник-победник соработки (win-win), во кои двете страни имаат бенефит. Потребно е двете страни да имаат бенефит за да се изгради и одржи долгорочната соработка.
Маркетинг365: Фриленсингот често бара разновиден сет на вештини и способност за прилагодување на различни проекти и клиенти. Како ги навигиравте барањата на различни проекти и ефикасно управувавте со Вашето време за да обезбедите квалитетни ангажмани и задоволни клиенти? Дали има некои алатки кои секојдневно ги користите и би ги препорачале на други?
Блаже Спирески: Ова е добро прашање и еден од предизвиците во фриленсингот. Фриленсингот уште се нарекува и фриленс бизнис, затоа што ги содржи истите карактеристики на градењето и водењето бизнис. Менаџирањето на времето и себе-менаџирањето се едни од наважните аспекти во градењето бизнис. Не треба по секоја цена да се прифаќаат работни проекти, доколку процениме дека немаме доволно време максимално да се посветиме на нивно успешно завршување.
Добро е да се има план за неделата и да знаеме однапред кој ден на што ќе работиме и колку време ќе посветиме на секој проект. Често работите не одат по план и тоа е нормално, меѓутоа добро е да се има некаква генерална слика за тоа кои се приоритетите за таа недела или тој ден. Од алатките со кои може да ја планирате неделата и да го менаџирате времето, би ја препорачал KanbanFlow, а од алатките со кои може да мерите на кој проект колку време работите, би ја препорачал ToggleTrack. Тоа се бесплатни алатки кои ќе ви помогнат подобро да го менаџирате времето.
Маркетинг365: Фриленсингот може да биде наградувачка, но понекогаш и непредвидлива кариера. Каков совет или поуки (за себепромоција, градење на личен бренд, финансиски менаџмент или вмрежување) би им дале на оние фриленсери кои штотуку почнуваат, врз основа на Вашите сопствени искуства и научени лекции?
Блаже Спирески: Првото нешто што е потребно, е да одлучите дали сакате да почнете со работа на интернет и градење своја фриленс кареира. Исто како во градење бизнис, прво треба да расчистиме самите со себе и да одлучиме дали сакаме да се занимаваме со тоа што ни претстои. Вмрежувањето е исто така важно, затоа што најдобро се напредува ако познаваме или имаме некој околу нас кој е неколку чекори понапред и може да ни посочи каде грешиме или каде може да се подобриме.
На почетокот на фриленс кариерата, волјата и мотивацијата играат клучна улога, а потоа секако следат и техничките вештини, кои треба постојано да ги надоградуваме и да бидеме во тек со светските трендови. Доколку сакаме да работиме на фриленс платформи со интернационални клиенти, потребно е да тежнееме и да го подобруваме англискиот јазик, за да имаме што е можно појасна и попријатна комуникација. Сѐ на сѐ, првите неколку месеци е потребно да се вложи доволно време и енергија и да бидеме мотивирани, а најголемите бенефити ќе следат кога ќе најдеме долгорочни проекти и клиенти, со кои ќе работиме долги години, по услови кои нас ни одговараат.
****************
Серијалот интервјуа „Фриленс профили“ се реализира во соработка со Импакт Фондацијата.
Импакт Фондацијата ја спроведе пилот интервенција во Македонија за развој на екосистемот на фриленсинг и самовработување преку создавање на можности за фриленс за жените и младите луѓе, како и на другите маргинализирани групи. Фокусот на пилот интервенцијата беше подобрување на вештините на целните групи за да се овозможи ефективно да се ангажираат на дигиталните платформи, поддршка на бизнис модели за приватниот сектор и подигање на јавната свеста за фриленсингот и создавање позитивна даночна и правна средина за фриленсерите. Импакт Фондација е фондација за развој на приватниот сектор за континуирана промоција на одржливиот развој, како и социјалниот просперитет преку методологија на инклузивен и партиципативен пристап на јавни, приватни и граѓански иницијативи на локално и регионално ниво на Балканот.