Наш денешен гостин во рубриката „Фриленс профили“ е Бојан Ристовски од Скопје, кој што во последните 8 години се занимавал со низа фриленс работи за кои вели дека последователно воделе една кон друга: од организирање, промоција и фотографирање на настани, менаџирање на волонтери за најголемите музички настани во државата, до креирање на содржини за социјалните мрежи и менаџирање на заедници. Според Бојан, сите овие области имаат една заедничка точка – решаваат некој проблем. Па затоа, кога го прашавме: „Боки, со што се занимаваш?“, тој едноставно ни одговори – „Решавам проблеми.“ :)
Бојан е веќе препознатлив во неговата околина како „решавач на проблеми“, а неговиот труд му ја има донесено и ценетата награда „13 Ноември“ – која што ја добил како дел од тимот составен од 5 волонтери кои им помагале на децата заболени од малигни болести на Хемато-онколошкото одделение при Клиниката за детски болести во Скопје.
Во моментов вели дека е посветен на креирање и имплементирање на стратегии за социјалните мрежи и менаџирање на заедници на фриленсерската платформа Upwork, отварање на Стартап Клуб во Скопје како и на промоција на европската мрежа на млади кои имаат преживеано некоја малигна болест „Youth Cancer Survivors“.
Маркетинг365: Како ја започнавте Вашата фриленсинг кариера? Што Ве инспирираше да го следите овој пат и кои беа почетните чекори што ги презедовте за да се етаблирате како фриленсер?
Бојан Ристовски: Отсекогаш сум сакал да патувам, да запознавам нови луѓе и култури. Цело време низ моето студирање барав најразлични опции преку кои би можел да патувам бесплатно и да заработам некој денар во процесот. Најголемиот пресврт за јас да се одлучам целосно да се посветам на ваков вид кариера беше пред една година кога, откако од маркетинг агенцијата каде што работев ми соопштија дека не се во можност да ми го продолжат договорот, се најдов следниот ден во автобус за Грција каде отидов да ги посетам моите родители.
Додека бев таму одвојував секој ден по неколку саати да аплицирам на маркетинг позиции во различни компании и на различни проекти преку фриленсерската платформа Upwork.
Еден ден трудот почна да се исплаќа и бев контактиран од една компанија да имаме состанок следниот ден, но тука имаше еден проблем – јас бев тоа време на плажа која беше далеку од апартманот. Наместо целиот ден да го поминам во апартман, го земав мојот лаптоп со мене на плажа.
Половина час пред да почне состанокот се сместив во еден ќош на најблиското кафуле, наместив виртуелна позадина и никој никогаш не примети дека сум фактички на плажа во Грција наместо во Скопје. Работата ја добив и за време на соработката со истиот клиент работев од Скопје, Охрид, Сплит, Загреб, Белград и Љубљана.
Го обожувам фактот дека ми треба само добра интернет конекција и лаптоп за да си ги извршувам обврските толку многу што и одговорите за ова интервју моментално ги пишувам од едно белградско кафуле.
Маркетинг365: Кои беа некои од главните пречки или предизвици на кои наидовте во раните фази на Вашата фриленсинг кариера? Како ги надминавте и какви поуки научивте од тие искуства? Дали има некоја посебна ситуација која ќе ја паметите засекогаш и од која сте научиле нешто особено важно?
Бојан Ристовски: Следново нешто ќе ви го кажат сите фриленсери – најтешко е да се добие првиот клиент и дека секој почеток е најтежок, но мора да се почне од некаде. Не се плашете да ја прашате прво вашата постоечка мрежа на пријатели и познаници дали имаат потреба од вашите услуги, да ве препорачаат на други луѓе или да му покажете како можете да му помогнете на некој клиент или некоја фирма со која од секогаш сте сакале да соработувате.
Секако тука постојат и фриленс платформи како Upwork кои може да ви помогнат да ги ставите тие први неколку проекти во вашето портфолио. Што се однесува до поуки, на многу тежок начин научив дека со секој со кој што соработувате, без разлика дали ви е близок или не, треба да имате потпишано договор.
Во тој договор на хартија треба да бидат јасно поставени условите, роковите, како и начинот на плаќање. Во мојот случај, три месеци заедно еден другар работевме на изработка на веб страна со многу комплексни функционалности како и маркетинг стратегија за еден клиент кој едноставно го снема во последниот месец и нѐ остави без компензација за нашиот труд и настанатите трошоци.
Маркетинг365: Како фриленсер, градењето силна база на клиенти и одржувањето на постојан работен тек може да биде од клучно значење. Кои стратегии или пристапи ги имплементиравте за да привлечете клиенти и да воспоставите долгорочни работни односи?
Бојан Ристовски: Познатиот претприемач Гери Вејнерчук многу често кажува во своите видеа “Немој да креираш, документирај”. Наместо да смислуваш што ќе кажеш или каква содржина да креираш за да ги привлечеш своите идеални клиенти, документирај ги твоите секојдневни победи, порази, како и размислувања на актуелните теми во твојата индустрија.
Сите кои сакаат да се занимаваат со ваков тип на работа, но исто и тие кои сакаат да изградат успешна кариера, треба да инвестираат во градење на свој личен бренд.
Јас лично тоа го правам на мојот LinkedIn профил, преку кој имам добиено неколку понуди за соработка бидејќи им се допаднало нешто што сум објавил или искоментирал. Ако не сте слушнале за оваа платформа претходно, во една реченица би можел да ја опишам како социјална мрежа за бизнис.
Штом ги добиете вашите први клиенти важно е да поставите реални очекувања заедно со нив, но и да гледате секогаш да ги надминете тие очекувања. Само така ќе имате задоволни клиенти кои ќе ве препорачуваат и на други луѓе.
Маркетинг365: Фриленсингот често бара разновиден сет на вештини и способност за прилагодување на различни проекти и клиенти. Како ги навигиравте барањата на различни проекти и ефикасно управувавте со Вашето време за да обезбедите квалитетни ангажмани и задоволни клиенти? Дали има некои алатки кои секојдневно ги користите и би ги препорачале на други?
Бојан Ристовски: Нема добар мајстор без добар алат. Најчесто користам алатки како Трело или Асана кои ми помагаат при мењаџирање на времето и различните задачи, Пејонир за мењаџирање на моите лични финансии и примање на средства, Grammarly за комуникација без печатни грешки, а нештото без кое моето фунционирање би било многу отежнато е Google Calendar – каде ги закажувам сите обврски и состаноци со клиентите, бидејќи многу брзо може да изгубам смисол за време и место ако немам потсетници.
Маркетинг365: Фриленсингот може да биде наградувачка, но понекогаш и непредвидлива кариера. Каков совет или поуки (за себепромоција, градење на личен бренд, финансиски менаџмент или вмрежување) би им дале на оние фриленсери кои штотуку почнуваат, врз основа на Вашите сопствени искуства и научени лекции?
Бојан Ристовски: Се сложувам, како и секоја друга работа во животот – да се биде фриленсер е меч со две острици. Овој тип на работа има многу поволности, но и има и свои негативни страни. Многу е важно да се гледа на фриленсигот како на своја мала сопствена компанија и на страна од работата која им ја нудиме на клиентите да се гржиме и за градење на свој личен бренд.
Многу добар пример за ова е Маја Атанасоска, попозната како @percalus.design, која преку објавување на интересна и едукативна содржина изгради успешна фриленс кариера како UX/UI дизајнер.
Втор совет кој би можел да го дадам е во врска со вашите лични финансии. Секогаш одвојувајте дел од вашите месечни приходи за данок, здравствено и пензиско осигурување, одреден дел за „црн фонд“, како и дел за инвестирање со цел да не се грижите за финансии во периоди во кои би немале клиенти.
Во однос на врежувањето, би рекол дека тоа е една од најкорисните работи кои можете да направите за себе. Ве охрабрувам да посетувате настани, конференции и работилници со цел да се поврзете со луѓе од кои навистина може да научите многу, но и со кои може да соработувате во иднина. Кога сме веќе на темата вмержување, слободно додајте ме на LinkedIn како би биле во тек со сите настани наменети за фриленсери и стартап ентузијасти.
****************
Серијалот интервјуа „Фриленс профили“ се реализира во соработка со Импакт Фондацијата.
Импакт Фондацијата ја спроведе пилот интервенција во Македонија за развој на екосистемот на фриленсинг и самовработување преку создавање на можности за фриленс за жените и младите луѓе, како и на другите маргинализирани групи. Фокусот на пилот интервенцијата беше подобрување на вештините на целните групи за да се овозможи ефективно да се ангажираат на дигиталните платформи, поддршка на бизнис модели за приватниот сектор и подигање на јавната свеста за фриленсингот и создавање позитивна даночна и правна средина за фриленсерите. Импакт Фондација е фондација за развој на приватниот сектор за континуирана промоција на одржливиот развој, како и социјалниот просперитет преку методологија на инклузивен и партиципативен пристап на јавни, приватни и граѓански иницијативи на локално и регионално ниво на Балканот.