Денес на Маркетинг365 започнуваме нов серијал интервјуа под наслов „Фриленс профили“, кој што ќе биде посветен на кариерните приказни на повеќе успешни фриленсери од Македонија во различни сфери на делување. Наш прв гостин е Добри Додовски, 24 годишен видео едитор од Скопје.
Добри се занимава со видео монтажа веќе 5 години, а на фриленсинг пазарот е активен речиси 3 години. Покрај работата како видео едитор, тој исто така има искуство како фриленсинг ментор во проект под покровителство на Импакт Фондацијата, преку кој успеале да им помогнат на повеќе млади луѓе да ја стартуваат својата фриленсинг кариера.
Маркетинг365: Како ја започнавте Вашата фриленсинг кариера? Што Ве инспирираше да го следите овој пат и кои беа почетните чекори што ги презедовте за да се етаблирате како фриленсер?
Добри Додовски: Мојата фриленс кариера започна на платформата Upwork, која на фриленсерите им овозможува на едноставен начин да се поврзат со клиентите. Во 2020, во време на пандемија, како многу други студенти, така и јас имав потреба од хонорарна работа. Кафулињата не работеа, така што не можев повеќе да работам како шанкер.
Се одлучив да барам работа која што би можел да ја работам од дома и каде што би немал фиксно работно време, за да можам да се посветам на студиите. После само 3 месеци на Upwork, веќе достигнав Top Rated статус. Потоа веќе сѐ беше поедноставно, па Upwork веќе не ми беше part-time работа, туку стана full-time.
Маркетинг365: Кои беа некои од главните пречки или предизвици на кои наидовте во раните фази на Вашата фриленсинг кариера? Како ги надминавте и какви поуки научивте од тие искуства? Дали има некоја посебна ситуација која ќе ја паметите засекогаш и од која сте научиле нешто особено важно?
Добри Додовски: На почетокот мислев дека е невозможно да се стигне до првиот клиент. Аплицирав на секакви проекти, но немав никаков успех. Клиентите не ги ни погледнуваа пораките кои им ги праќав. Решив да посветам малку повеќе внимание на тоа и да видам каде грешам.
Почнав со пребарување на YouTube, најдов неколку успешни фриленсери и ги изгледав нивните видеа. Нивните совети за уредување на профилот и за пишување на cover letter беа од огромна корист. Убаво ја анализирав конкуренцијата, видов колку наплаќаат другите видео едитори и како изгледа нивното порфолио.
Креирав мое портфолио, го средив профилот и почнав да аплицирам на проекти. За кратко време го добив првиот проект. Веќе следниот ден започнав соработка со нов клиент, со кој соработувам до денес.
Оваа професија секако си има и потешкотии, како и сите други професии. Тоа што како фриленсер немате фиксно работно време, некогаш може да значи дека треба да работите до доцните ноќни часови.
После секој завршен проект, клиентот ви остава оцена и негов коментар за вашата работа. Лошите коментари може да создадат потешкотии при наоѓање нови проекти. Ова е можеби најстресниот дел од работата. Особено на почеток, кога еден лош коментар може да значи крај за вашата фриленс кариера.
Ова го сфатив на почетокот, кога имав соработка со клиент кој не знаеше што поточно сака. Правевме многу поправки на видеата и постојано имаше нови желби. Се плашев да не добијам лоша оцена, па не смеев да ја покажам нервозата која ми ја предизвикуваше клиентот со неговото однесување.
На крајот сепак се изборив да добијам добра оцена.
Ова ми беше одлична лекција за во иднина внимателно да бирам со кого ќе соработувам.
Маркетинг365: Како фриленсер, градењето силна база на клиенти и одржувањето на постојан работен тек може да биде од клучно значење. Кои стратегии или пристапи ги имплементиравте за да привлечете клиенти и да воспоставите долгорочни работни односи?
Добри Додовски: Со голем дел од моите клиенти соработувам подолго време. За ваква соработка, најважна е комуникацијата. Важно е да можете да разберете што сака вашиот клиент, која е неговата идеја, да давате предлози кои би биле од корист и да не им го трошите времето со прашања на кои можете сами да го најдете одговорот.
Маркетинг365: Фриленсингот често бара разновиден сет на вештини и способност за прилагодување на различни проекти и клиенти. Како ги навигиравте барањата на различни проекти и ефикасно управувавте со Вашето време за да обезбедите квалитетни ангажмани и задоволни клиенти? Дали има некои алатки кои секојдневно ги користите и би ги препорачале на други?
Добри Додовски: Често се случува да имам проект поразличен од сите претходни. Во таков случај прво пребарувам на YouTube, а потоа се консултирам со мои колеги од истата област. Оваа професија си бара постојано учење и надоградување, така што никогаш не е досадно.
Како најкорисна алатка би ја издвоил Google Calendar, со чија помош немам пропуштено ниту еден состанок. Сѐ уште имам проблем со организирање на времето. Работата со клиенти кои се во различни временски зони често знае да биде проблем. Се случува да имам состаноци со клиенти во 1-2 часот по полноќ.
Маркетинг365: Фриленсингот може да биде наградувачка, но понекогаш и непредвидлива кариера. Каков совет или поуки (за себепромоција, градење на личен бренд, финансиски менаџмент или вмрежување) би им дале на оние фриленсери кои штотуку почнуваат, врз основа на Вашите сопствени искуства и научени лекции?
Добри Додовски: Мој совет кон сите идни фриленсери е да се фокусираат кон градење на портфолио. Доколку немаат клиенти за кои би изработувале проекти за во портфолио, тогаш можат на некој локален бизнис бесплатно да му ја понудат услугата која ја нудат, или на интернет да пребараат материјали за изработка на проект. Така би се стекнале со искуство на работа на реален проект.
За градење на личен бренд, треба да ги искористат социјалните мрежи на најдобар можен начин. Како најдобра платформа за градење личен бренд би ја издвоил LinkedIn.
Фриленсерите најчесто немаат фиксни месечни примања, затоа треба добро да се менаџираат финансиите.
****************
Серијалот интервјуа „Фриленс профили“ се реализира во соработка со Импакт Фондацијата.
Импакт Фондацијата ја спроведе пилот интервенција во Македонија за развој на екосистемот на фриленсинг и самовработување преку создавање на можности за фриленс за жените и младите луѓе, како и на другите маргинализирани групи. Фокусот на пилот интервенцијата беше подобрување на вештините на целните групи за да се овозможи ефективно да се ангажираат на дигиталните платформи, поддршка на бизнис модели за приватниот сектор и подигање на јавната свеста за фриленсингот и создавање позитивна даночна и правна средина за фриленсерите. Импакт Фондација е фондација за развој на приватниот сектор за континуирана промоција на одржливиот развој, како и социјалниот просперитет преку методологија на инклузивен и партиципативен пристап на јавни, приватни и граѓански иницијативи на локално и регионално ниво на Балканот.