Како дел од серијалот „Фриленс профили“, наш денешен гостин на Маркетинг365 е Горан Атанасовски – ликовен уредник, бренд дизајнер и сопственик за креативното арт студио „Палимпсест“.
Според Горан, основањето на сопствена компанија се наметнало како логичен следен чекор во неговата професионална работа во областа на дизајнот и континуираниот активен ангажман како фриленсер, на што има посветено околу десетина години и нема никаква намера да застане тука!
Маркетинг365: Како ја започнавте Вашата фриленсинг кариера? Што Ве инспирираше да го следите овој пат и кои беа почетните чекори што ги презедовте за да се етаблирате како фриленсер?
Горан Атанасовски: Пред да започнам со фриленс, работев како ликовен уредник на месечни магазини за една издавачка куќа во Скопје. Можам да кажам дека магазините создадени од тимот од кој што бев дел и јас, беа едни од најдобрите во тој период во нашата држава. Но, како што се менуваше општеството и модерните околности, публиката сѐ повеќе се насочуваше кон интернет публикациите и видео содржините, па магазините полека губеа на читаност и популарност. Тоа беше период во кој целата таа индустрија полека почна да замира, а за мене преставуваше знак дека треба моите вештини и интереси да ги пренасочам на друго поле – кон дигиталниот дизајн.
Започнав со креирање на портфолио и контактирав пријатели од други области кои веќе започнаа со фриленс работа за искуства и насоки како јас да ги презентирам моите вештини и како да остварам контакти надвор од нашата држава.
Етаблирањето беше бавно, во тој период немаше толку многу опции за аплицирање на отворени позиции, и можам да кажам дека мене ми беа потребни околу 8 месеци да го најдам првиот проект.
Потоа сѐ беше полесно, прв фидбек, прв задоволен клиент, и полека започнаа контактите со нови потенцијални клиенти и нови предизвици.
Маркетинг365: Кои беа некои од главните пречки или предизвици на кои наидовте во раните фази на Вашата фриленсинг кариера? Како ги надминавте и какви поуки научивте од тие искуства? Дали има некоја посебна ситуација која ќе ја паметите засекогаш и од која сте научиле нешто особено важно?
Горан Атанасовски: Голема пречка на самиот почеток беше моето портфолио. Јас, како графички дизајнер, имав портфолио кое претежно беше со кирилични проекти, а конкурирав на пазар кој не го користи ова писмо. Требаше да измислувам фиктивни проекти, што не сакав да го правам, па затоа решив да настапам со она што е реално и да се преставам себе си во вистинското светло, со нешто што јас сум го сработил, и нешто што навистина го поминало целиот процес на продукција и се појавило на пазар, пред реална публика. Беше потребно време за првиот проект, но потоа беше сѐ си течеше нормално.
Исто така, голем предизвик ми беше и англискиот јазик. Бев добар, но немав самодоверба да контактирам и дискутирам проекти на јазик различен од македонскиот. Избегнував состаноци, користев само е-мејл комуникација… Ова ми беше и една од најголемите грешки за која подоцна увидов колку е важна при апликација за некој нов проект.
Ова беше важна лекција за мене, по првиот состанок во живо со потенцијален, подоцна и реален клиент, кој ми посочи дека мојот англиски е доста добар и комуникацијата е важен аспект во секој проект.
Маркетинг365: Како фриленсер, градењето силна база на клиенти и одржувањето на постојан работен тек може да биде од клучно значење. Кои стратегии или пристапи ги имплементиравте за да привлечете клиенти и да воспоставите долгорочни работни односи?
Горан Атанасовски: Суштината на фриленсот е да работите најпрофесионално под услови кои вам ви одговараат. Односно, да немате строго одредено работно време од компанијата, туку вие самите да си го организирате времето кога ќе бидете активни, а кога нема. Овој начин на работа не е баш атрактивен и популарен кај сопствениците на компаниите.
За да можете да функционирате на овој начин потребно е да имате самодисциплина, добра комуникација со клиентите и да имате договор дека на крајот на денот задачите ќе бидат завршени професионално и квалитетно.
Секогаш квалитетот и посветеноста кон работата се највисоко на пиедесталот кај сопствениците на компаниите, и можам да кажам дека овие особини се нешто со што би можеле да постигнете доверба и да воспоставите долгорочни работни односи.
Маркетинг365: Фриленсингот често бара разновиден сет на вештини и способност за прилагодување на различни проекти и клиенти. Како ги навигиравте барањата на различни проекти и ефикасно управувавте со Вашето време за да обезбедите квалитетни ангажмани и задоволни клиенти? Дали има некои алатки кои секојдневно ги користите и би ги препорачале на други?
Горан Атанасовски: Јас доаѓам од сферата на графичкиот дизајн. Сетот на вештини кои ги поседувате доколку сте етаблиран дизајнер, како чувство за естетика, композиција, игра со боја, типографија и сл., се вештини кои можете да ги примените секаде, се разбира, со одредени правила и спецификации.
Познавањето на индустријата и адаптирањето на дизајнот за потребите на таа индустрија е искуство, истражување и константно следење на новите технологии.
Во зависност од тоа со колку клиенти работите, и обемот на работа кој што го имате, треба паметно да си го организирате времето. Моја препорака да се обидете да немате повеќе од 6 активни работни саати на тековни проекти. На овој начин ќе ви остане време за истражување и следење на новите технологии. Доколку форсирате да сработите повеќе работни саати на подолг период секако ќе ви се одрази негативно, со помалку енергија и опаѓање на креативноста.
Од алатки ги користам Adobe програмите, и алатките за комуникација како Slack, Zoom, Google итн..
Маркетинг365: Фриленсингот може да биде наградувачка, но понекогаш и непредвидлива кариера. Каков совет или поуки (за себепромоција, градење на личен бренд, финансиски менаџмент или вмрежување) би им дале на оние фриленсери кои штотуку почнуваат, врз основа на Вашите сопствени искуства и научени лекции?
Горан Атанасовски: Фриленсот е како риболов :). Вие треба да сте свесни однапред дека некогаш ќе имате многу работа, а некогаш ништо. Работата како фриленсер е таква, а треба да сте подготвени за тоа и периодично да го очекувате.
Мој совет до сите идни фриленсери е да бидат професионални во тоа што го работат. На секој проект да вложуваат 100% од себе и секогаш да бидат отворени со своите клиенти и да споделуваат размислувања и идеи со нив.
****************
Серијалот интервјуа „Фриленс профили“ се реализира во соработка со Импакт Фондацијата.
Импакт Фондацијата ја спроведе пилот интервенција во Македонија за развој на екосистемот на фриленсинг и самовработување преку создавање на можности за фриленс за жените и младите луѓе, како и на другите маргинализирани групи. Фокусот на пилот интервенцијата беше подобрување на вештините на целните групи за да се овозможи ефективно да се ангажираат на дигиталните платформи, поддршка на бизнис модели за приватниот сектор и подигање на јавната свеста за фриленсингот и создавање позитивна даночна и правна средина за фриленсерите. Импакт Фондација е фондација за развој на приватниот сектор за континуирана промоција на одржливиот развој, како и социјалниот просперитет преку методологија на инклузивен и партиципативен пристап на јавни, приватни и граѓански иницијативи на локално и регионално ниво на Балканот.