Во најновото интервју од серијалот „Фриленс профили“ разговараме со Моника Зоксимовска, архитект со 10 годишно искуство во фриленс светот и учество во над 100-тина проекти од различни земји како Англија, САД, Австралија, Израел и други.
Пред една година, Моника беше дел од менторите во проект поддржан од Импакт Фондацијата со цел поддршка на луѓе кои штотоку започнуваат со својата фриленс кариера.
Маркетинг365: Како ја започнавте Вашата фриленсинг кариера? Што Ве инспирираше да го следите овој пат и кои беа почетните чекори што ги презедовте за да се етаблирате како фриленсер?
Моника Зоксимовска: Започнав со фриленс работа веднаш по завршувањето на магистерските студии. Беше период кога кoнечно имав повеќе слободно време, па брат ми ми предложи да направам профил на oDesk. Целата идеја дека ќе работам за странски клиенти и дека ќе сама ќе го планирам моето работно време ми се допадна, па направив профили на сите тогаш достапни платформи за онлајн работа како Fiver, oDesk, Elance, Freelancer и People per Hour за да си ги зголемам шансите некој да ме вработи.
Јас започнав со фриленс работа пред 10 години кога побарувачката на архитекти на овие платформи беше релативно мала, но со голема упорност, волја и секако – вложено време, после неколку месеци успеав некако да стигнам до првиот клиент на oDesk (сегашен Upwork). По добивањето на првата позитивна препорака (review) веќе сѐ беше полесно, па решив да се посветам на градење на профилот само на оваа платформа.
Маркетинг365: Кои беа некои од главните пречки или предизвици на кои наидовте во раните фази на Вашата фриленсинг кариера? Како ги надминавте и какви поуки научивте од тие искуства? Дали има некоја посебна ситуација која ќе ја паметите засекогаш и од која сте научиле нешто особено важно?
Моника Зоксимовска: Првиот предизвик со кој секој се соочува е добивањето на првиот клиент. Вие сте нови на таа платформа и колку и да сте најдобри во своето опкружување, какво искуство и да имате до сега, на платформата секогаш оној кој има барем една позитивна препорака од клиент е пред вас и има поголеми шанси кај клиентите.
Сметам дека периодот додека да го добијам првиот клиент, односно договор за работа, многу ме научи за функционирањето на фриленс светот и воедно начинот на размислување на клиентите. Научив како да го усовршам профилот и портфолиото, како да ја напишам апликацијата и како да пристапам и комуницирам со клиентот. Тоа беше еден долг процес во кој од секоја одбиена апликација успевав да извлечам некаква поука и да ја направам следната подобра. Eдноставноста и прецизноста во комуникацијата е нешто што заклучив дека е многу важно и дека треба да направиме сѐ за да му поедноставиме на клиентот, не само со работењето на проектот, туку и во самиот процесот на апликација па сѐ до носењето на одлуката да не избере токму нас.
Пречките кои што постоеа при моите почетоци, сега на мое огромно задоволство сметам дека веќе се сведени на минимум.
Фриленсерството ужива огромна популарност во Македонија и веќе постои сериозна мрежа на фриленсери кои се спремни во секој момент да споделат искуство, помогнат и дадат совет.
Плаќање данок, обезбедување здравствено осигурување, а и самото повлекување на заработените пари беше предизвик еднаков како и наоѓање проекти за работа. Како се зголемува бројот на фриленсери, институциите конечно почнуваат да ги поедноставуваат процесите, иако тоа оди споро и сѐ уште значително го отежнува фриленс работењето.
Маркетинг365: Како фриленсер, градењето силна база на клиенти и одржувањето на постојан работен тек може да биде од клучно значење. Кои стратегии или пристапи ги имплементиравте за да привлечете клиенти и да воспоставите долгорочни работни односи?
Моника Зоксимовска: Мојот пристап на почетокот беше да аплицирам на проекти без оглед на нивното траење и нивниот обем, со цел да го збогатам портфолиото и профилот со препораки. Потоа сфатив дека процесот на комуникација пред да го добиете проектот некогаш трае предолго и едноставно не вреди за парите кои ќе ги добиете на крај и решив да се фокусирам на наоѓање на клиенти на кои им треба долгорочна соработка.
Имањето на барем еден клиент со кој работите постојано ве ослободува од постојаното пребарување на проекти и клиенти, кое што иако сметам дека знае да биде многу интересно и возбудливо, некогаш е и заморно и создава доза на неизвесност.
На Upwork и мал проект може да резултира со долгорочна соработка доколку клиентот е задоволен и има доверба во вас, а довербата кај клиентот може да ја стекнете само со квалитетна работа и искреност. Искреноста и отворениот пристап во комуникацијата со клиентот секогаш ми биле на прво место, без оглед за каков проект станува збор. Сметам дека клиентите бараат фриленсер за да си го олеснат животот, па јас се обидувам да направам сѐ за да го постигнам тоа. Клиентите ценат кога ќе се внесете и дискутирате за проектот, кога ќе предложите нови идеи и решенија, но подеднакво ценат и кога не им го трошите времето за некои прашања и успевате да ги надминете проблемите сами.
Маркетинг365: Фриленсингот често бара разновиден сет на вештини и способност за прилагодување на различни проекти и клиенти. Како ги навигиравте барањата на различни проекти и ефикасно управувавте со Вашето време за да обезбедите квалитетни ангажмани и задоволни клиенти? Дали има некои алатки кои секојдневно ги користите и би ги препорачале на други?
Моника Зоксимовска: Најразличните проекти кои можат да се работат, понекогаш истовремено, е она што најмногу го сакам кај фриленсингот. Со традиционална работа не верувам дека би имала шанси да се пробам себе си во сите делови од мојата индустрија. И тоа е привилегија што сметам дека само работењето на фриленс платформа, како Upwork во мојот случај, може да го даде.
Како архитект, секој проект е различен, постојат различните регулации за секоја земја во светов, секој клиент има наклонетост кон oдреден софтвер во кој што сака да му го завршите проектот. Ова значи дека пред секој проект морам да научам нешто плус за да можам да ги задоволам очекувањата на клиентот. Знае да биде предизвик, но, од друга страна, по секој проект имате вештина плус, која можете да ја искористите понатаму. На пример, учењето на градежните правила за одреден град во Австралија на моменти звучи како губење време, но по некое време ќе налетате на некој што токму тоа го бара, и ве одбира вас без размислување, поради тоа што веќе го имате знаењето.
Менаџирањето на времето и проектите исто така знае да биде предизвик, но со време се учи на што и како да дадете приоритет. Иако имам долгогодишно искуство, кога ќе се појават повеќе проекти кои ми изгледаат интересно и ми се предизвик, сѐ уште знам да потфрлам, и да земам повеќе работа од што можам да завршам во нормално работно време, па често останувам да работам прекувремено и за викенди. Како фриленсер соработувате со целиот свет, морате често да се прилагодите на нивната временска зона. Имало случаи каде што сум имала состаноци во 2 часот по полноќ, и за некои клиенти сум сметала дека таа жртва вреди, но за други сум решила дека проектот и финансиската компензација не се доволни за да ја продолжам соработката.
Во поглед на софтвери и алатки за комуникација, сметам дека тоа секогаш го диктира клиентот. Доколку цела фирма комуницира на Discord јас морам да се прилагодам иако не сум гoлем фан, и преферирам други платформи каде комуницирам со другите клиенти.
Google Calendars, Google Meet, Grammarly, ChatGPT и Conceptboard се алатките кои ги користам цело време, и секако, нотес и пенкало за секојдневни „to-do“ листи, поради тоа што сѐ уште не сум нашла доволно добра апликација да ги замени.
Маркетинг365: Фриленсингот може да биде наградувачка, но понекогаш и непредвидлива кариера. Каков совет или поуки (за себепромоција, градење на личен бренд, финансиски менаџмент или вмрежување) би им дале на оние фриленсери кои штотуку почнуваат, врз основа на Вашите сопствени искуства и научени лекции?
Моника Зоксимовска: Пред неколку месеци Upwork ми испрати честитка за 10-годишнината од регистрирањето на платформата. Не бев ни свесна дека е поминато толку време од кога почнав активно да работам како фриленсер на најразлични проекти, а сѐ уште кај мене, на моменти, постои оној сомнеж за тоа дали имам направено правилна одлука да се посветам на овој кариерен пат.
Ми беше многу тешко да се помирам со тоа дека проектите знаат да доаѓаат во бранови, и дека имате периоди кога нема доволно работа, наспроти периоди кога имате толку многу проекти што едвај стигнувате да ги завршите. Да се научи да се менаџира со времето и финансиите, имајки го ова на ум е од исклучително значење.
Сметам дека како и секоја професија, континуираното надградување, следење на трендовите и побарувачката е најважно. Работењето на платформа како Upwork ви дава огромен број на можности за работа и ваше е само да пристапите со отворен ум, желба за работа и учење и да дадете сѐ од себе да ги испорачате проектите со највисок квалитет.
Со популаризирањето на фриленсингот се намалува оној страв дека сте на непредвидлива кариера. Константно се зголемува бројот на фриленсери и бројот на клиенти и клиентите конечно сфаќаат дека од нивна корист е дека наместо најдобриот од нивниот град, можат да го одберат најдобриот на глобално ниво.
За оние што сега влегуваат во фриленс светот би ги советувала само да бидат упорни. Почетокот е најтежок, добивањето на првиот клиент некогаш се чини дека е невозможно, но единствено со посветеност, упорност и волја ќе го поминете тој прв чекор.
Како што спомнав, мрежата на фриленсери во Македонија станува сѐ поголема, постојат групи на социјалните мрежи, како што е Facebook, собири и дружби кои сѐ почесто се организираат, така што во секое време имаат на кого и каде да се обратат за помош и совет.
****************
Серијалот интервјуа „Фриленс профили“ се реализира во соработка со Импакт Фондацијата.
Импакт Фондацијата ја спроведе пилот интервенција во Македонија за развој на екосистемот на фриленсинг и самовработување преку создавање на можности за фриленс за жените и младите луѓе, како и на другите маргинализирани групи. Фокусот на пилот интервенцијата беше подобрување на вештините на целните групи за да се овозможи ефективно да се ангажираат на дигиталните платформи, поддршка на бизнис модели за приватниот сектор и подигање на јавната свеста за фриленсингот и создавање позитивна даночна и правна средина за фриленсерите. Импакт Фондација е фондација за развој на приватниот сектор за континуирана промоција на одржливиот развој, како и социјалниот просперитет преку методологија на инклузивен и партиципативен пристап на јавни, приватни и граѓански иницијативи на локално и регионално ниво на Балканот.