Денес почнува Европското фудбалско првенство! По тој повод, Ви пренесуваме една реклама за која бевме свесни веќе некое време, но ја чувавме токму за овој ден.
Се работи за новата мултимилионска глобална кампања на британскиот ланец на продавници за спортска облека и опрема Sports Direct, насловена „Само игра?!“, при што одговорот е секако: „Не! Фудбалот никогаш не е само игра!“
Рекламата отпочнува со сцена во која разни луѓе на различни локации со големо внимание гледаат фудбал. Меѓутоа, еден човек кој „чепка“ во струја успева да го прекине уживањето на милиони, а негов одговор е: „Па што? Тоа е само игра!“
Но, тогаш настанува невреме и како некоја натприродна сила се појавува Ерик Кантона, легендарниот француски фудбалер, можеби најсоодветната личност за да ја презентира филозофската страна на фудбалската игра.
Кантона го води „виновникот“ на едно патешествие во кое му го презентира вистинското значење на фудбалот – пријателство, заедништво, соништа, желба, страст… но, никогаш „само игра“.
Во рекламата се појавуваат еден куп на познати фудбалски лица на денешнцата, меѓу кои и Бруно Фернандеш, Џејми Варди, Џек Грејлиш, Хери Мегваер, Трент Александер-Арнолд, Џордан Хендерсон, Мелани Леполз и други.
Покрај централниот спот кој ќе се емитува на телевизија, кампањата ќе вклучува и out-of-home, дигитални, принт, in-store и други активности.
Кампањата е создадена со помош на агенцијата Copa90.