Македонскиот производител на леб и пекарски производи со целосно заокружено сопствено производство „од нива до трпеза” – „Фурна Диме”, го прославува триесетгодишениот јубилеј.
Компанијата што го носи името на основачот, од мала семејна фурна, за 30 години прерасна во современ индустриски капацитет со 100 проценти домашен капитал. Благодарение на постојаните вложувања, денес „Фурна Диме” располага со: пекарница на површина од 6.000 квадратни метри (во која со најсовремена технологија дневно се произведуваат и до 20 илјади парчиња леб); сопствена мелница за брашно (која може да сомеле и до 36 тона жито во едно деноноќие); погон за производство на слатки и на свежи колачи, како и најсовремено опремена лабораторија за проверка на квалитетот на житото, брашното и пекарските производи.
Во рамките на компанијата се наоѓаат и две земјоделски стопанства во Светиниколско и во Кумановско, кои овозможуваат сопствено производство на квалитетна домашна пченица и семенски материјал на вкупно 1.700 хектари, како и силоси за складирање на пченица со капацитет од 5.000 тони.
Сопственото производство на пченица, како и производните капацитети за складирање, производството на брашно и на готови пекарски производи, на компанијата ѝ овозможуваат да обезбеди целосна контрола и гаранција за квалитетот на производите.
Не е лесно да се изоди патот „од нива до трпеза”. Не е лесно од маалска фурна да се изгради фабрика од 6.000 квадратни метри и од грст пченица да се ожнеат 4.000 тони жито. Од семеен бизнис со тројца вработени, да се направи индустрија што обезбедува егзистенција за 170 семејства на мајстори-пекари, бурекџии, слаткари, трактористи, технолози, агрономи, електроинженери, економисти и правници, изјави Илија Павличковски, сопственик на „Фурна Диме”, нагласувајќи дека компанијата е изградена благодарение на почитувањето на семејната традиција и квалитетот, но и на огромното залагање и поддршката од вработените.
Засега, компанијата ги дистрибуира производите во повеќе од 600 продажни места во Скопје, Велес и во Тетово. Развојните планови вклучуваат натамошно проширување на производството и на пласманот, што ќе значи и зголемување на производните капацитети.
Извор: InStore