Паралелно со одбележувањето на Меѓународниот ден на жената 8-ми март, во македонскиот интернет простор се појавија социјални профили со едноставен, но впечатлив визуелен идентитет во контрастна црно-бела боја. Иницијативата себе се нарекува „Фустани со џебови“, под мотото „Направи простор за финансиска слобода!“
Од она што засега може да се забележи, целта на „Фустани со џебови“ е промоција на финансиската слобода, финансиската независност и финансиската храброст на жените. А, да бидеме искрени, имаат поента…
Реалноста е дека со векови и насекаде низ светот, жените биле во голема мера нерамноправни во однос на мажите. Но, иако со текот на времето оваа разлика драстично се намалува, постојат некои суптилни индикатори кои остануваат културолошки феномен, а се симбол на таа нееднаквост. Еден од тие индикатори, на пример, е недостигот на џебови на женската гардероба.
Оваа навидум банална работа е всушност резултат на долговековниот и направедно распространет мит дека жените се полоши во менаџирање на парите од мажите. Стереотипите наметнати од овој мит предизвикуваат домино ефект и голем дел од жените се чувствуваат финансиски несигурни и срамежливи.
Митот е неправедно распространет затоа што истражувањата покажуваат дека жените се повнимателни од мажите кога станува збор за менаџирање на финансиите, па затоа ретко влегуваат во финансиски инвестиции кои имаат доза на ризик и немаат сигурен исход. Наспроти стереотипите, истражувањата исто така покажуваат дека мажите многу почесто прават импулсивни трошоци отколку жените, а поголем број од жените знаат точно со колку финансиски средства располагаат во секој еден момент – за разлика од мажите.
Во овој контекст да споменеме и неколку бројки. Негативните ефекти на посочениот мит се видливи во тоа што само 9% од жените веруваат дека прават подобри инвестиции од мажите. Но, реалноста покажува дека во просек, вкупните инвестиции на жените се поуспешни од вкупните инвестиции на мажите (за 0,4%).
Да! Фустаните навистина треба да имаат џебови, жените треба да бидат финансиски независни и слободни, а сите ние треба дополнително да ги охрабруваме и да ги мотивираме да преземат акција и да чекорат храбро и во финансискиот свет!
За повеќе насоки во тој правец, следете ги „Фустани со џебови“ на Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб.