Од 11-ти до 13-ти јули живописниот Галичник повторно ќе заживее со звукот на зурлите, тапаните и традицијата – ќе се одржи „Галичка свадба“, една од најавтентичните и најпрепознатливи културни манифестации во земјава. Овој уникатен настан, кој претставува живо сведоштво за македонската традиција, култура и обичаи, повторно ќе го привлече вниманието на домашните и странските посетители кои сакаат да ја доживеат автентичната свадбарска приказна од мијачкиот крај. И оваа година, Пивара Скопје, заедно со СКОПСКО, е главен спонзор на „Галичка свадба“, продолжувајќи го партнерството кое датира од самите почетоци на манифестацијата и трае повеќе од половина век.
Годинешните младоженци, Јован Филипоски – потомок на старото галичко семејство Филипоски, и Лилјана Михајлоска, велат дека учеството во манифестацијата за нив претставува исполнување на животен сон. „Уште како дете сонував еден ден да бидам дел од Галичка свадба. Тоа се многу повеќе од свадбарски обичаи – тоа е љубов, идентитет и исконска гордост“, вели Јован. „Чувството кога облекуваш автентична носија и чекориш низ истите патеки по кои чекореле генерации пред тебе е неописливо. За нас ова е завет и голема чест“, додава Лилјана.
Во текот на тридневната програма, гостите ќе бидат сведоци на целосната свадбена церемонија, исполнета со традиционални обичаи, носии, песни и ора, кои Галичка свадба ја прават единствена на Балканот и пошироко.
Организатор на манифестацијата е месната заедница „Галичник“. Честитајќи им на годинешните галички младоженци, нејзиниот претседател, Огнен Караѓозовски изјави: „Продолжуваме со посветеност да ја чуваме оваа ретка традиција жива. Радува фактот што секоја година се зголемува интересот кај младите генерации да бидат дел од Галичка свадба. Toa за нас претставува најсилен доказ дека обичаите и културното наследство се темел на нашиот идентитет, сегашност и иднина. Благодарни сме на институциите и големиот број компании чија поддршка има пресудно значење за организирањето и одржувањето на атрактивноста на манифестацијата“.
Поддршката и партнерството на Пивара Скопје со манифестацијата трае непрекинато од нејзините почетоци.
„Чест ни е што и оваа година сме дел од Галичка свадба – симбол на љубовта, заедништвото, автентичната традиција и култура. Повеќе од половина век ја делиме оваа приказна со генерации младоженци, нивните семејства и големиот број посетители на овој настан, со кои нè врзуваат исти вредности: почитување на културното наследство, меѓусебна поддршка и создавање искуства кои зближуваат. На Јован и Лилјана им посакуваме многу здравје, среќа и бериќет – нека нивната љубов биде долготрајна како и нашето партнерство со Галичка свадба“, изјави Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата во Пивара Скопје.
И оваа година покровител на манифестацијата е Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а поддршка пристигна и од Министерството за култура и туризам, со што се потврдува значењето на „Галичка свадба“ како национално културно богатство кое заслужува институционална поддршка и меѓународна афирмација.
За време на одржување на манифестацијата организаторот најавува посебен сообраќаен режим во селото, а беше повторен и апелот за одговорно однесување, особено во поглед на консумирањето алкохол и грижата за природата.
Програмата на Галичка свадба 2025 – традиција преточена во спектакл
Годинешната „Галичка свадба“ ќе се одвива во три дена, исполнети со богата програма која ја оживува вековната традиција на мијачкиот крај. Тродневната манифестација ќе започне во петок, 11 јули, со премиерна изведба на монодрама во чест на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, што ќе биде изведена на мијачки дијалект. Потоа ќе следува забава со диџеј сет за помладите посетители.
Во сабота, на 12 јули, започнуваат свадбарските обичаи, со пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро. Особено впечатлив момент ќе биде изведбата на ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ – од страна на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред прочуената чешма Упија. Во вечерните часови, невестата придружувана од свадбарите, со борини и факели во рака, ќе оди да полни вода од прочуените три чешми во селото: Секуличе, Динговиче и Упија – обичај поврзан со семејната среќа.
Во недела, 13 јули, денот ќе започне со традиционалните „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, во чии рамки е и прочуениот обичај „гледање низ прстен“. Потоа следуваат испраќањето на невестата и дарувањето, како и венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.
Целата програма, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видео-екран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана „во живо“ и на социјалните мрежи, со што манифестацијата се доближува и до оние кои немаат можност да бидат физички присутни на настанот.